Прашан дали вклучувањето на партијата на Курти на изборите во С Македонија ќе влијае на изборниот резултат, Ахмети вели дека евентуалното учество на Самоопределување на парламентарните избори нема да влијае на резултатот бидејќи, како што кажа, „албанскиот електорат е мошне дефиниран во Македонија“
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во синоќешното интервју за Радио-телевизија Косово (РТК) повика косовскиот премиер Албин Курти јасно да даде до знаење дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на парламентарните избори што на 8 мај ќе се одржат во земјава.

Ахмети ова го кажа коментирајќи ја вчерашната средба меѓу косовскиот премиер Курти, лидерите на трите опозициски партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, чија партија е дел од мнозинството во македонскиот парламент.
„Нема ништо лошо во запознавањето, но она што го кажа (Изет) Меџити не се совпаѓа со изјавата на Курти што тој ја даде во Скопје, во која рече дека Самоопределување нема да учествува на овие избори. Ако има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро, да ги кажеме работите отворено“,
изјави Ахмети во синоќешното интервју за косовската телевизија.
Прашан дали вклучувањето на партијата на Курти на изборите во С Македонија ќе влијае на изборниот резултат, Ахмети вели дека евентуалното учество на Самоопределување на парламентарните избори нема да влијае на резултатот бидејќи, како што кажа, „албанскиот електорат е мошне дефиниран во Македонија“.
„Во моментов, ако се повикуваме на анализите, ДУИ е победник на овие избори уште пред да се одржат, а тоа го знаат и македонските и албанските политички партии, но и македонската и албанската опозиција. Никогаш не сум бил разочаран од предвидувањата на експертите, но времето ќе го докаже тоа“,
додаде лидерот на ДУИ.
Говорејќи во оваа насока, Ахмети кажа дека не е во непријателство со ниту една политичка партија ниту во Косово, ниту во Албанија, ниту во С Македонија, но вели оти на Албанците во земјава не им требаат многу партии.
„На Албанците во Северна Македонија не им требаат 3, 4, 5, 6 или 7 партии бидејќи колку повеќе партии има толку Албанците ќе бидат помалку важни“,
рече Ахмети.
Трите опозициски партии на Албанците обединети во „Европскиот сојуз за промени“ неодамна најавија дека на нивните листи ќе има имиња на партијата на Албин Курти – Самоопределување.
Ова предизвика реакции во јавноста за тоа како може лица од други држави да бидат дел од изборни листи во земјава кога Изборниот законик забранува учество на странски партии. Во врска со оваа дилема од Државната изборна комисија за „360 степени“ кон крајот на минатата година рекоа дека странска партија не може да учествува на избори во С Македонија, но нејзини претставници, хипотетички гледано, доколку имаат македонско државјанство, односно двојно државјанство, и ги исполнуваат условите пропишани со Изборниот законик, можат да бидат кандидати за пратеници.