За потпретседатели се избрани и Еркан Арифи, Арбана Пашоли, Арта Биљали-Зендели, а оваа функција по денешниот 5. конгрес на ДУИ ќе ја врши и досегашниот генсек на партијата, Фатон Ахмети
Али Ахмети е ново-стар претседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако на денешниот 5. конгрес ја доби довербата од мнозинството делегати да ја води партијата во нов мандат.

За новото раководство на партијата која е во опозиција, делегатите одлучуваа во рамките на затворениот дел на конгресот на кој се избираа генерален секретар и потпретседатели.
Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од партијата, неофицијално објавија дека на раководните позиции, со извесни рокади, се избрани познати лица кои и досега извршуваа високи функции во партијата.
Според информациите, за нов генерален секретар на ДУИ е избран досегашниот потпретседател на партијата, Арбер Адеми, додека Фатон Ахмети кој досега ја извршуваше функцијата генсек, ќе биде еден од потпретседателите на интегративците.
Потпретседател на партијата останува и Бујар Османи, кој беше кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори, но загуби од Изет Меџити од ВЛЕН. За потпретседатели се избрани и Еркан Арифи, Арбана Пашоли и Арта Биљали-Зендели.
Поранешниот државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Неби Реџепи ќе биде нов организациски секретар, а Арбеша Влаши секретар за еднакви можности, објави ТВ 24.
Инаку, лидерот на ДУИ, Али Ахмети беше единствен кандидат за највисоката функција во партијата, кој, според ТВ Сител, ја добил довербата на 737 делегати да ја води партијата и во наредниот период.
Во своето обраќање на почетокот на конгресот, кое траеше нешто повеќе од 20 минути, Ахмети пред делегатите и присутните гости рече дека унитарната држава се зајакнува само кога сите граѓани се чувствуваат вистински претставени и вклучени во донесувањето одлуки.
Во таа насока, тој предложи три клучни мерки што, како што кажа, гарантираат фер застапеност, функционална еднаквост и социјална кохезија во духот на Охридскиот мировен договор.

Рече дека изборот на Владата треба да се врши со двојно мнозинство во Собранието. Имено, покрај гласовите на мнозинството пратеници (апсолутно мнозинство), за избор на Владата да биде потребно и Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласа и мнозинството пратеници од немнозинските заедници.
Ова, Ахмети ќе обезбеди Владата да ужива двоен легитимитет и да биде вистински репрезентативна за сите етникуми.
Бадентеровиот принцип, рече Ахмети, треба да се имплементира и во Уставниот суд, односно законите што се одобруваат со двојно мнозинство во Собранието врз основа на овој принцип да не можат да се поништат во Уставен без двојно мнозинство и од редовите на судиите.
Како трета точка, лидерот на ДУИ, побара продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа. Овој предлог според Ахмети има за цел да го консолидира единството на државата.

Според претседателот на ДУИ, на државата и е потребен и еден нов историски национален договор.
„Нашите граѓани бараат повеќе, нашите деца заслужуваат повеќе, затоа дојде време за нов историски договор, договор не за опстанок, туку за напредок, национален договор за напредок. Националниот договор за напредок не е само политички, тој е обврска на сите заедници што живеат во нашата република и на експерти од соодветните области. Договорот е морална обврска, ветување кон нашите деца и визија за земја каде што соништата се остварливи, а достоинството е загарантирано“,
рече тој во своето обраќање.
