Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, тврди дека ДУИ е нападната од сите страни. Тој вчера се одбрати на изборот на нов состав на партискиот огранок во Чаир, каде што посочи дека партијата не може лесно да се уништи.
„Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ не владее со државата затоа што премиерот бил премиер на ДУИ, затоа што владее Артан Груби, владее Бујар Османи или Бугар Османи, како што рекоа. Ако се сеќавате, сè што се случи со случајот ‘Диво Насеље’, ‘Монструм’, случајот ‘Алфа’, страшни напади беа фрлени врз нас, иако воопшто не знаевме, туку целта беше да се оштетат организациските супстанци, основачите во оваа држава, бидејќи ДУИ е структура која не е родена во салони, не е родена на ТВ-екрани, ДУИ се роди од фронт, се роди од ОНА, се роди од крвта, од потта, од сите оние луѓе што настрадаа во затворите што ги измивме со крв од Гевгелија до Јесениќ, така да залудно се обидите преку лаги, преку клевети, да го уништат ДУИ. Никогаш тоа нема да го доживеат ниту да го видат, затоа што им ја сушиме плунката на усните“,
рече Ахмети.

Првиот човек на интегративците вели дека континуирано бара да се провери секој сомнеж врз функционерите од нивните редови.
„Официјално побаравме да се отвори истрага за сите функционери и ова барање е поставено пред 7 години како на Специјалното обвинителство, така и во Јавното обвинителство и јас не реков да отвориме истрага прво за Кристијан или за Никола или за Зоран, нека почне од мене истрагата – од Али Ахмети. Јас имам таква крв од семејната традиција, никогаш не сме раснеле и не сме се хранеле од туѓа пот, туку со потта од сопственото чело. Затоа јас не сум навлегол во овие полиња на делување за да ја злоупотребувам довербата на луѓето, ниту на фронтовите каде што бев ниту во мирот што го градиме заедно со сите наши соработници, затоа што сè што постигнавме, постигнавме заедно. Никој ништо и никогаш не може да постигне сам, и ова што го постигнавме, овој замок што го имаме изградено од камен и цигла, заедно го направивме, затоа мора заедно да го зачуваме“,
кажа Ахмети.
Инаку, за претседател на огранокот на ДУИ во Чаир е избран ексминистерот за економија, Беким Незири.