Ахмети на денешната конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници рече дека противниците на Националната алијанса за интеграција ги загрозуваат правата на Албанците и создаваат меѓуетнички тензии

Лидерот на ДУИ, која ја предводи Националната алијанса за интеграција (НАИ), на денешната промотивна конвенција порача дека Рамковниот договор е суштински документ за мирот и стабилноста во земјата и оти мора да се почитува од сите политички страни.
Тој истакна дека во изминатите две децении, во соработка со САД, ЕУ и со НАТО, се работело на спроведувањето на овој договор, заедно со политичките сили во земјата.
Ахмети рече дека противниците на НАИ ги загрозуваат правата на Албанците и создаваат меѓуетнички тензии, а Албанците биле обединети за да ги заштитат постигнатите придобивки.
„Ние сакаме мир, стабилност, иднина, сакаме Европа и НАТО. Оваа наша определба нè направи да бидеме заедно, не само за да ги зачуваме националните права, туку и за да ја однесеме земјата напред“,
рече Ахмети.
Меѓу другото, Ахмети за време на говорот упати жестока критика кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека преку своите политики и изјави ги потценува правата на Албанците и создава опасни тензии.
„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци“,
рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ упати и апел за активно учество на изборите на 19 октомври, потенцирајќи дека единството на Албанците е одлучувачко за политичката иднина на земјата.
На конвенцијата говореше и лидерот на Алијансата за Албанците и неодамнешен член на владата, Арбен Таравари, кој порача дека европскиот пат на државата е заглавен и дека Албанците треба да се обединат за да ја променат оваа реалност.
„19 октомври не се само локални избори. Тоа е национален плебисцит. Се обединивме, затоа што нашата главна грижа е европскиот пат на Македонија, кој за жал е заглавен. Албанија и Црна Гора одат напред, додека Македонија стагнира. На 19 октомври ќе има голем плебисцит и голема албанска победа“,
рече Таравари.