На средбата, како што информираат од ДУИ, Ахмети и Коп разговарале за влијанијата на Истокот во регионот, владеењето на правото, проверката за сите судии и обвинители, реформите, како и важноста од европската интеграција
Што се однесува до Врховниот суд, во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите без било каков внатрешен или надворешен притисок. Ова го порачал лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешната средба со холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, информираат од ДУИ.
На средбата, како што информираат од ДУИ, Ахмети и Коп разговарале за влијанијата на Истокот во регионот, владеењето на правото, проверката за сите судии и обвинители, реформите, како и важноста од европската интеграција.
„Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес, повикувајќи се на примерот со Република Албанија. Што се однесува до Врховниот суд, Ахмети истакна дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите. Според извештаите, до денес имало повеќе дисциплински постапки и во нивна надлежност е да постапуваат согласно законот и без било каков внатрешен или надворешен притисок“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Информацијата за средбата на амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, со Ахмети е споделена од холандската амбасада на нејзиниот официјален фејсбук-профил. Она што е впечатливо се острите пораки кои холандскиот амбасадор му ги пренел на лидерот на ДУИ за овие две прашања.
Како што се вели во соопштението од холандската амбасада во земјава, на средбата станало збор за владеењето на правото во Северна Македонија, како и за случувањата поврзани со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на која ѝ се заканува разрешување од Судскиот совет.
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“,
се наведува во објавата на холандската амбасада за средбата на Јан Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателката на Врховниот суд на последниот работен ден од минатата година (29 декември 2023 г.) седна во Судскиот совет, но не како негов член по функција, туку како претседател на највисокиот суд во државата за кој има иницијатива за разрешување.
На јавната расправа на Комисијата на известители на Судскиот совет за утврдување одговорност на претседателката на Адеми, таа и подносителот на иницијативата, Миљзим Мустафа, ги соочија аргументите.
Иницијативата на Мустафа се темели на два моменти – прво, неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според иницијаторот е нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Вториот момент што го истакна тој на јавната расправа, а за кој бара утврдување одговорност, е интервјуто на претседателката на Врховен за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов.