Како причини се наведуваат неисплатените плати и други организациски проблеми поврзани со нормалното и непречено работење
Штрајкот ќе доведе до проблеми со водоснабдувањето на земјоделските површини и посевите во овој период кога е најпотребно
Работниците во АД „Водостопанство“ се два месеца без плата, а од 1 овој месец немаат ниту здравствено осигурување. Доколку нема исплата, револтот наскоро може да премине во штрајк, кој ќе значи и проблем со водоснабдувањето на земјоделските површини и посевите, особено во овој период кога е најпотребно, информирале денеска од Агросиндикатот и Синдикалната подружница на Агросиндикатот при АД „Водостопанство“ на средба во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
„Работниците се принудени наместо да ја извршуваат својата работа, да се борат за својата егзистенција и во наредниот период не е исклучена можноста да се донесе одлука за почнување на постапка за спроведување на штрајк во АД ‘Водостопанство’, а пред спроведување на процедурите за организирање на штрајкот не е исклучен ниту друг притисок на изразување на работничко незадоволство“,
наведуваат во заедничко соопштение Агросиндикатот и ССМ.
Покрај неисплатените плати, дополнуваат, работниците се соочуваат и со други организациски проблеми поврзани со нормалното и непречено работење на АД „Водостопанство“ за кои дополнително ќе се бара решение од Владата, која е единствен акционер на акционерското друштво „Водостопанство“.
