Поранешниот косовски премиер потврди дека добил покана и дека патува на 28 септември
Специјалниот суд за Косово го повика поранешниот косовски премиер Агим Чеку, еден од командантите на ОВК, како осомничен, пренесува Репортери.
„Добив покана вчера како осомничен. Патувам на 28 септември“,
изјави Чеку за Коха, пренесува МИА.
Агим Чеку завршил воена академија во Белград, а на почетокот на војната во поранешна Југославија се приклучил на хрватската армија, пренесува „Косово онлајн“.
Учествувал во воените акции на хрватските сили „Медачки џеб“ и „Бура“.
Во мај 1999 година, тој беше назначен за командант на штабот на ОВК.
По завршувањето на војната на Косово, Чеку основа политичка партија, а во периодот од 2006 до 2008 година беше премиер на Косово.
Чеку беше уапсен неколку пати во врска со обвинение за воени злосторства, но беше ослободен по интервенција на тогашниот шеф на УНМИК, Хари Холкери.
На списокот на обвинети од Специјалното обвинителството за Косово, лоцирано за во Хаг, од пред неколку месеци е актуелниот косовски претседател Хашим Тачи. Меѓу обвинетите е и и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорашен собраниски спикер, Кадри Весели.
Овие два дена, пак, во седиштето на ЕУЛЕКС во Приштина, исказ пред хашките обвинители, веројатно како сведок, дава лидерот на ДУИ Али Ахмети.