Информацијата ја објави МВР, од каде што велат дека неовластено и некоординирано оперирање со овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земјата

Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево информира дека Агенцијата за цивилно воздухопловство забрани вршење какви било операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на неколку општини, населени места и локации.
Од МВР велат дека неовластеното и некоординирано оперирање со овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земјата.
Посочуваат дека летањето дронови во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство.
Забраната важи за следните локации:
1. Кочани, вклучувајќи ги с. Оризари, с. Тркање и с. Зрновци
2. Штип со околните места
3. Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги с. Соколарци и с. Чифлик
4. Струмица со околните места
5. Пробиштип со околните места
6. Македонска Каменица со околните места
7. Виница, вклучувајќи го с. Митец
8. Скопје – гробишта о. Бутел, гробишта о. Ѓорче Петров, гробишта с. Горно Лисиче и гробишта с. Горно Нерези
„Апелираме до граѓаните во овие денови на неизмерна тага и болка во рамки на загарантираното со Устав право на собирање и одржување на протест, истите да се одржат во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани во државата“,
пишува во соопштението на МВР.