Вчера руската агенција РИА Новости пренесе вест на локалните медиуми во Казахстан дека два приватни авиона, наводно на семејеството Назарбаев, слетале на аеродромот „Манас“, во главниот град на Киргистан, Бишкек, од кои едниот бил од Македонија
Според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во МВР и од македонските воздухопловни власти на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек со 3 патници, при што авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек и станува збор за киргистанска делегација со ВИП личности што била во посета на македонска мултинационална компанија
Не е точно дека поранешниот претседател на Казахстан Нурсултан Назарбаев избегал со авион што во Бишкек, Киргистан слетал од Македонија, велат од македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) за САКАМДАКАЖАМ.МК, во врска со информацијата која вчера ја пренесе руската агенција РИА Новости дека два приватни авиона, наводно на семејеството Назарбаев, слетале на аеродромот „Манас“, во главниот град на Киргистан, Бишкек, од кои едниот бил од Македонија.
Оваа вест, всушност ја објавиле медиуми во Казахстан, додека од аеродромот во Бишкек за РИА Новости уште во петокот рекле дека немаат таква информација.
Според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во МВР и од македонските воздухопловни власти на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек со 3 патници, при што авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек и станува збор за киргистанска делегација со ВИП личности што била во посета на македонска мултинационална компанија, којашто дошла со редовна линија на „Туркиш ерлајнс“. Меѓутоа, еден од членовите на делегацијата морал итно да се врати дома и затоа од Киргистан му обезбедиле лет со приватен авион што го изнајмиле во Турција. Другите членови на делегацијата останале, објави САКАМДАКАЖАМ.МК.
Подоцна од МВР и од АЦВ и за МИА изјавиле дека е дезинформација оти поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев избегал со авион што во Бишкек слетал од Северна Македонија.
Директорот на АЦВ Томислам Тунтев изјавил дека на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек, при што авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек.
Тој појаснил дека станува збор за најавен и одобрен бизнис лет со авион од типот „бомбардиер глобал експрес“ од турски оператор што ги исполнува сите услови и барања, односно што ја доставил целокупната потребна документација за да добие одобрение од македонските воздухопловни власти.
