Ова произлегува од регулативата за „сродни права“ која е усвоена во Франција во 2019 година, а која ги принудува големите онлајн платформи да влезат во преговори со издавачите за надоместокот за објавување на вести
Илон Маск, пак, кој е редовен критичар на традиционалните медиуми, ја опиша тужбата на АФП како „бизарна“
Француската новинска агенција Франс прес (АФП) објави дека поднела тужба против платформата „Х“ (поранешен „Твитер“) во сопственост на Илон Маск, обвинувајќи дека оттаму одбиваат да разговараат за можна исплата за дистрибуција на содржината на новинската агенција.

Ова произлегува од регулативата за „сродни права“ која е усвоена во Франција во 2019 година, а која ги принудува големите онлајн платформи да влезат во преговори со издавачите за надоместокот за објавување на вести.
„Франс прес ја изрази својата загриженост поради јасното одбивање на ‘Твитер’ (неодамна ребрендиран како ‘Х’) да влезе во дискусија во врска со спроведувањето на сродните права на печатот“,
се вели во соопштението на новинската агенција.
Илон Маск, пак, кој е редовен критичар на традиционалните медиуми, ја опиша тужбата на АФП како „бизарна“.
„Ова е бизарно. Сакаат да им плаќаме за сообраќајот што го остваруваат на нивните страници каде што тие заработуваат од реклами, а ние не!“
објави Маск на ребрендираната платформа „Х“.
Во 2021 година, француската антимонополска управа го казни „Гугл“ со 500 милиони евра поради непочитување на регулативата за „сродни права“. Оттогаш, „Гугл“ се обврза да го реши спорот и најави договори со АФП и неколку други водечки француски новински организации. „Фејсбук“, исто така, потпиша договори со некои француски издавачи.