41-годишниот скопјанец е осуден на условна казна затвор во траење од две години, доколку за три месеци од правосилноста на пресудата не ги обесштети граѓаните и за време од пет години не стори ново кривично дело
Според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им се претставил како агент за недвижности во своја агенција и дека е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност
Aгент за недвижности кој оштетил десет граѓани со измама при купопродажба на станови во Основниот кривичен суд во Скопје доби условна казна затвор во траење од две години, доколку за три месеци од правосилноста на пресудата не ги обесштети граѓаните и за време од пет години не стори ново кривично дело.
Согласно член 114 од Законот за кривична постапка, обвинетиот се задолжува да ја надомести штетата на оштетените во целост и да ја врати во рок од три месеци.
„Доколку и по утврдениот рок, обвинетиот не го врати останатиот дел, имате право да побарате отповикување на условната осуда каде што Кривичниот совет на Кривичниот суд ќе преземе мерки. Доколку не се врати штетата се отповикува условната осуда и обвинетиот заминува во затвор. Интенцијата е да ви ги врати парите“,
изјави судијката Александра Ристеска.
До правосилноста на одлуката, судијката дополни дека остануваат и мерките за претпазливост на обвинетиот.
Обвинетиот 41-годишен скопјанец, се товари за кривичното дело „измама“, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им се претставил како агент за недвижности во своја агенција и дека е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.
Отежнувачки околности кои Судот ги ценел, како што наведе судијката при објавувањето на пресудата, се асоцијалното однесување на обвинетиот што го покажал извршувајќи го кривичното дело, дрскиот начин и мотивите на сторување на кривичното дело на лесен и противправен начин да оствари имотна корист за себе, како и за останатите отежнувачки околности, пред сè општествената опасност од извршување на овој вид на кривични дела, природата, карактерот на истото, тежината на стореното кривично дело, и околноста што штетата не е сè уште во целост надоместена на оштетените.
Како олеснителни околности, пак, беше споменато дека Судот неизоставно ценел дека се работи за релативно зрела личност, родител на едно дете, со законска обврска да се грижи и издржува, дека тој го призна сторувањето на кривичното дело, изрази каење пред Судот, неговото коректно држење, надомест на дел од штетата, јавно извинување на оштетените во судница и ветувањето дека во рок од 90 дена ќе ја надомести во целост штетата како и фактот дека против него не се водат постапки за други кривични дела и дека тој не е осудуван од судот и не е во судир со законот.
Агентот за недвижности на претходното рочиште ја призна вината за стореното кривично дело и обесштети 21 отсто од целосниот износ што го должи.
„Јавно се извинувам на оштетените во оваа судница, ова ќе ми биде многу добра поука како да постапувам во животот“,
изјави тогаш обвинетиот, додавајќи дека во рок од три месеци ќе ги врати целосно парите кои ги должи.
Оштетените побараа вкупно оштетно побарување од околу 48 илјади евра. Деветмина изјавија дека бараат кривичен прогон за обвинетиот, додека, еден остави Судот да одлучи.
Случајот пред осум месеци го обелодени МИА. Оштетените ги споделија искуствата во видеоизјави за агенцијата.
