„Сметам дека е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела и се надевам дека тој (Груби) е еден од нив“, порача американската амбасадорка
Важно е луѓето да бидат повикани на одговорност за своите дела – порача американската амбасадорка Анџела Агелер, прашана околу поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој во моментов е надвор од државата, а е осомничен во случајот со Државна лотарија.

„Немам коментар во однос на тоа што се случува со Артан Груби. Не знам каде се наоѓа. Сметам дека е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела и се надевам дека тој (Груби) е еден од нив“,
изјави Агелер, која учествуваше во Претпразничната чајанка во ЈП „Лајка“.
Во однос на процедурата за разрешување на членови на Судскиот совет, кои се избираат во Собранието, исто така, истакна дека треба да постои одговорност, но и оти процесот треба да биде транспарентен.
„Мислам дека јас и Амбасадата бевме многу јасни во однос на нашиот став за Судскиот совет и другите институции во рамки на правосудството. Повторно ќе кажам, треба да постои одговорност но и процесот треба да биде транспарентен, со цел граѓаните да разберат што се случува и зошто“,
рече Агелер.