„Соединетите држави ќе продолжат да стојат рамо до рамо со Северна Македонија и додека продолжувате со реформите и со остварувањето на нашите заеднички цели. Вашиот успех е важен за нас, за Европа, и за иднината која сакаме заедно да ја изградиме“, рече амбасадорката

Основните идеали врз кои е изградена нашата држава се стремежот кон слобода, самоуправување и заштита на неотуѓивите права, стремеж кон посовршен сојуз, рече вечерва американската амбасадорка Анџела Агелер во своето обраќање по повод прославата на 4 Јули, денот на независноста на Соединетите американски држави, што го организираше амбасадата во својот двор.
Во поголемиот дел од својот неколкуминутен говор, амбасадорката се осврна на односите меѓу САД и Северна Македонија, нагласувајќи дека годинава се навршуваат три децении од дипломатските односи меѓу двете земји, иако, како што рече, соработката почнала и порано.
„Веќе три децении му покажуваме на светот што може да се постигне со силина, компромис и со трпение. И покажавме како изгледа вистинско пријателство и вистинско партнерство. Тоа е отсликано во заедничките мисии во Ирак и во Авганистан и во големите вежби на Криволак, подготовките заедно да се бориме за зачувување на мирот. Тоа е разобличување на корупцијата и на криминалните организации, вложување во реформата на правосудството и покрај скромната исплатливост“,
рече Агелер.
Според амбасадорката, блиските односи меѓу САД и Северна Македонија се огледуваат и во заедничките напори за економски раст, напредок во инфраструктурата и во енергијата, соработката во технологијата, здравството, транспортот, разузнавањето и образованието, поддршката за зачувувањето на културното наследство, тешките но искрени разговори за теми од големо значење, како и споделената тага за загубените млади животи во страшен пожар.
Таа рече дека изминативе месеци биле предизвикувачки за амбасадата.
„Еден голем американски филозоф рекол – „многу луѓе ќе сакаат да се возат со тебе во лимузината, но она што навистина ти треба е некој што ќе се вози со тебе во автобусот кога лимузината ќе се расипе. Последниве неколку месеци беа предизвикувачки за оваа амбасада од повеќе причини, а особено поради затворањето на нашата мисија на УСАИД. А на сите вас што се возевте со нас во автобусот низ тешки времиња – ви благодарам“,
рече Агелер.
На актуелната Влада, Агелер и се заблагодари за поддршката кон САД за низа прашања, вклучително и неодамнешната поддршка во рамки на придонесот кон НАТО.
„Можеби сме млада нација, но имаме дела за паметење. Три децении Соединетите американски држави и Северна Македонија ги издржуваа глобалните шокови и политичката смена на генерации – и секој пат излегоа посилни. Но, секогаш има уште работа, и се надевам знаете дека Соединетите држави ќе продолжат да стојат рамо до рамо со Северна Македонија и додека продолжувате со реформите и со остварувањето на нашите заеднички цели. Вашиот успех е важен за нас, за Европа, и за иднината која сакаме заедно да ја изградиме. Ова партнерство не го земаме здраво за готово. Го славиме. Го негуваме. И веруваме во неговата иднина“,
рече таа.
На крајот посака следните 30 години од американско-македонските односи да бидат уште подинамични, уште поуспешни и уште поинспиративни од претходните.