„Повеќе од три децении, му покажавме на светот заедно што може да се постигне со сила, компромис и трпелива решителност. И во текот на последните три години, покажавме многу реални и опипливи резултати за тоа како изгледаат вистинското пријателство и конструктивното партнерство“, пишува амбасадорката

Американската амбасадорка Анџела Агелер, по три години поминати во Скопје како десетти амбасадор на САД, а пред заминувањето од земјата, упати писмо до граѓаните на Македонија. Во него, таа се навраќа на постигнатото, но испраќа и порака за иднината на земјата.
Во писмото таа вели дека Соединетите Американски Држави секогаш ќе бидат покрај нас и дека ќе го споделуваат нашиот сон за посилен, попросперитетен, побезбеден, целосно интегриран евроатлантски партнер и сојузник.
Амбасадорката истакна дека изминатиот период со соработка е постигнат напредок во некои области, но оти во други останува сè уште да се работи.
Велејќи дека иако минатата година е одбележана 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Македонија, Агелер потсетува дека партнерство датира од поодамна.
„Повеќе од три децении, му покажавме на светот заедно што може да се постигне со сила, компромис и трпелива решителност. И во текот на последните три години, покажавме многу реални и опипливи резултати за тоа како изгледаат вистинското пријателство и конструктивното партнерство“,
пишува Агелер.
Набавката на современа воена опрема и реализацијата на мултинационални вежби на „Криволак“, напредокот на коридорите 8 и 10, кои ги нарече „најголем инфраструктурен проект во историјата на земјата“ , јавното посочување на корупцијата и санкционирањето на оние кои „неказнето краделе од граѓаните“, соработката во областа на кибербезбедноста и развојот на критичните минерални ресурси, се дел од проектите за кои Агелер потсетува во писмото.
Агелер се потсетува на многубројните средби низ целата земја – од училишта, цркви, судници и винарници до домови на обични граѓани.
„Понекогаш имавме тешки, искрени разговори за прашања што се длабоко важни за двете наши земји, и не секогаш се согласувавме, што е во ред. И ги споделивте вашите соништа, вашата визија за оваа земја што ја цените, вашите фрустрации, па дури и вашата тага поради загубата на оние што ги сакавте“,
пишува Агелер.
Во писмото, амбасадорката ја опиша Македонија како место каде што историјата, традициите, културата и противречностите создаваат магија.
„Постои нешто магично во врска со оваа земја – нејзината неверојатна убавина, историја и култура, но и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзиниот народ во услови на големи предизвици и длабока загуба“,
вели Агелер.
Таа ги повика граѓаните да продолжат да се борат за државата во која сонуваат да живеат и додава дека ја напушта земјата со чувство на огромна благодарност за неизмерната дарежливост и отпорност.
„По три години, сè уште ја негувам огромната вера што ја имам во силата и храброста на народот на Северна Македонија. Бидете добро, бидете храбри, бидете силни – и јас ќе навивам за вас на секој чекор“,
додава Агелер на крајот од писмото.
Амбасадорката Агелер е меѓу дипломатите низ светот кои американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги отповика од функциите.
Според најновата одлука на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, од речиси 30 земји во светот, ќе бидат отповикани амбасадори и дипломати назначени од неговиот претходник Џо Бајден. Освен Македонија, други европски земји кои се засегнати се Црна Гора, Словачка и Ерменија.
Анџела Агелер во септември 2022 година на церемонија во американскиот Стејт департмент даде заклетва како нов американски амбасадор во Северна Македонија, а на почетокот на ноември истата година ја презеде функцијата и му ги предаде акредитивните писма на тогашниот претседател Стево Пендаровски.
