Одговарајќи на новинарски прашања, амбасадорката на САД рече дека „црната листа“ дефинитивно не е затворена и дека ќе се најдат и други имиња
Ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на „црната листа“ на САД е за да се повикаат на одговорност оние поединци чии криминални дејности ги поткопуваат безбедноста, стабилноста и вредностите на управување, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер.
На прес-конференција во Амбасадата на САД во Скопје, Агелер нагласи дека доказите за нивните влијанија се достапни и очекува македонските институции да преземат мерки.
„Не мора да ние да им даваме докази или информации на тукашните институции. Доказите се достапни. Ако ние можеме да ги најдеме, можат и македонските институции“,
рече Агелер.
Амбасадорката на САД очекува акција и за случајот со Груби, но и за други претходни.
Таа не влезе во спецификација што конкретно правел Груби или Беџети и рече дека овие процеси се одвиваат во Вашингтон. На прашањето дали судијата Беџети посетувал обуки и тренинзи во САД, не можеше да потврди, но нагласи дека верува дека во некоја форма бил дел од програмите за ефикасно судство и борба против корупцијата.
„Половина милијарда долари се потрошени на тренинзи и едукација и не сме виделе поврат на инвестицијата“,
искоментира американската амбасадорка.
Таа кажа дека синоќа го информирала премиерот Христијан Мицкоски кога беше објавена одлуката, а разговарале и утрово на оваа тема. Осврнувајќи се неговите коментари дека домашни политички актери подготвуваат дестабилизација на државата, Агелер нагласи дека не сака да верува оти некој е способен да ја дестабилизира сопствената држава.
Одговарајќи на новинарски прашања, амбасадорката на САД рече дека „црната листа“ дефинитивно не е затворена и дека ќе се најдат и други имиња, кои не се само политичари, а прашана дали времето во кое се објави информацијата за поранешниот вицепремиер и судијата од Апелацискиот суд кореспондира со најавите на Владата за реформи во судството, рече дека не се поврзани бидејќи Вашингтон одредува кога се објавува одлуката за еден ваков процес.
„Се вели дека правдата е слепа, затоа што мора да биде непристрасна и објективна кон сите, без разлика на нивната политичка партија, пол, етничка припадност или позиција. И запомнете дека, иако на вага ги мери вистината и лагата, таа носи и меч за да ги повика на одговорност оние што се обидуваат да ја спречат. Корупцијата, во каква и да е форма, не треба да се толерира во оваа земја. Оние што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот на Северна Македонија треба да сфатат дека корупцијата има последици“,
рече Агелер во воведната изјава.
Таа беше децидна дека граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку и дека со кого и да разговара тоа е првиот впечаток што го добива.
- Артан Груби и судијата Енвер Беџети ставени на „црната листа“ на САД
- Никој не е над законот, порача Агелер по ставањето на Груби на „црната листа“ на САД
- Груби: Одлуката на Стејт департментот ме засега директно и лично
- СДСМ го поздрави ставањето на Груби и судијата Беџети на „црната листа“ на САД и повика на истраги без компромис
- Села со порака до Груби: Повлечи се од политиката и соочи се со обвинувањата
- ДУИ: Ја почитуваме одлуката на Стејт департментот