Главни забелешки поради кои членовите на Судскиот совет не ѝ дадоа поддршка на Адеми за втор мандат на функцијата беа посочени нејзината некооперативност во справувањето со горливите прашања во македонското правосудство, нетранспарентноста и нарушените меѓучовечки односи во Врховниот суд за време на нејзиното претседателствување
Забелешки имаше и за Фидани, за кого дел од членовите на Советот рекоа дека не бил познат во јавноста, но и меѓу фелата, како и недоволното познавање на состојбите во судството
Судијата Африм Фидани е нов претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Тој ја доби поддршката на мнозинството членови на Судскиот совет во наредните четири години да го води највисокиот суд во државата и на функцијата ќе ја наследи неговата колешка Беса Адеми, која не успеа да се избори за втор мандат.

Фидани и донеодамнешната претседателка на Врховниот суд, Беса Адеми, беа единствените кандидати за највисоката функција во судската хиерархија, а гласовите на членовите на Советот превагнаа на страната на судијата кривичар.
Тој за претседател на Врховниот суд беше избран со осум гласа „за“ и пет „против“, додека, условно кажано, неговата противкандидатка, Адеми, доби поддршка од само двајца членови на Судскиот совет.
Дека Беса Адеми нема повторно да биде избрана на функцијата можеше да се насети уште при дискусијата по оваа точка, што му претходеше на гласањето на денешната седница на Советот.
Како течеше дискусијата
Првиот збор го имаше членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, како известител на комисијата задолжена за избор на нов претседател на Врховниот суд.
Откако ги појасни деталите од постапката за избор, Чачарова-Илиевска ги сподели своите ставови од спроведените интервјуа, во рамките на кои и на двајцата кандидати, како што кажа, им биле поставени идентични прашања, а во насока на нивен еднаков третман.
Таа имаше забелешки и за двајцата кандидати.
Според Чачарова-Илиевска, она во што затаила Адеми за време на својот мандат било тоа што само декларативно им пристапувала на проблемите и случувањата со кои се соочуваше и се соочува македонското судство, затвореноста и несоработката со Судскиот совет по прашањата кои го тиштат судството.
Од друга страна, како голем недостаток за Фидани ја посочи неговата анонимност во јавноста, па и меѓу судиите, како и недоволното познавање на состојбите во судството по актуелните прашања, од кои дел влечат корени од изминатите неколку години.
„Во однос на одговорите (на прашањата на интервјуто) на кандидатот Беса Адеми немам никакви забелешки. Одлично одговараше на сите прашања, онака како што треба да се однесува претседател на Врховниот суд,. Но, за жал на дел од прашањата иако даде одлични одговори истата не се однесуваше на тој начин во даден период за работи кои се однесуваа на случувањата во македонското судство и Судскиот совет. Можам да заклучам дека знае како треба да постапува претседател на Врховниот суд, но за жал во минатото имавме поинакво однесување на судијката Беса Адеми. Во однос на Африм Фидани, јас можам да кажам дека имаше малку познавање за актуелните состојби во судството, а за прв човек на Врховниот суд тоа е недозволиво. Можеби како судија е одличен, меѓутоа мене не ми остави впечаток дека има врвни способности да биде прв човек на македонското судство“,
рече Чачарова-Илиевска.
По неа говореше, нејзината колешка Весна Дамева, која како недозволиво го оцени тоа што Врховниот суд долг период бил без претседател, а потоа се осврна на излагањето на Чачарова-Илиевска, од кое како што рече, стекнала впечаток дека и двајцата кандидати не се добри, со кое, додаде, не се согласува.
„Секоја комисија е малку субјективна. Зошто велам субјективизам, затоа што нема објективни критериуми на кои ќе се базира тоа интервју. Ќе кажам за кого ќе го дадам својот глас и зошто така ќе гласам без предрасуди и емоции“,
рече Дамева.
Кажа дека ќе гласа за Фидани и образложи дека ваквата своја одлука ја темели на она што тој го навел во својата програма и во акцискиот план што ги доставил.
„Има неколку точки во програмата кои одат во насока на подобрување на состојбите во судството. Во делот на зголемување на транспаретноста и отчетноста, кај мене остави впечаток предлогот за формирање орган којшто ќе ја следи транспарентност на судот. Тоа ми е значајно затоа ќе се отвораме пред јавноста, овој орган ќе ја следи работата и ќе постапува. И второто нешто што ми остави впечаток е заложбата за подобрување на комуникација со јавноста., Врховниот суд ќе одржува редовни прес-конференции, што значи дека Врховниот суд ќе се отвори. Овој кандидат има намера да учествува во дебатни емисии и да дава интервјуа што изминатиот период недостатуваше. Потоа ќе има онлајн судења, континуирана едукација и усовршувања, има многу зошто ќе го дадам својот глас. Му остави впечаток и формирање на одделение за следење на одлуките на Европскиот суд за човекови права“,
кажа Дамева.
Претходно таа го кажа својот став и за Беса Адеми. Дамева за неа рече дека исклучително ја извршувала функцијата изминатиот период, но и замери дека била некоопративна.
„Имаше неколку ситуации во кои Врвниот суд затаи и не успеа да се издигне на нивото на задачата, не ја искористи својата надлежност и затоа јас нема да го дадам својот глас за овој кандидат“,
рече Дамева.

Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, ѝ забележа на Адеми што не одговорила на поканите на Советот да дојде и да објасни за притисоците за кои обвини во интервју пред речиси две години. Димовска како негативен момент посочи и на нарушени меѓучовечки односи во Врховниот суд за време на претседателствувањето на Беса Адеми.
За Фидани рече дека не го познава и поради тоа нема да поддржи ниту еден од кандидатите.
„Да не ве познаваат колегите, да не сте се истакнале, јас сум судија толку години, но не сум чула ништо за него, јас навистина не можам да го дадам својот глас ниту за тој колега“,
рече Димовска.
По кратката размена на реплики меѓу Дамева и Чачарова-Иливеска, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, го отвори гласањето за кандидатите, а по кое Фидани доби шест гласа повеќе од Адеми и стана нов претседател на Врховниот суд. По гласањето, сите членови на Советот се изјаснија која како гласал и дадоа кратки образложенија за своите одлуки.
Кој како гласаше
Членот на Советот, Исамедин Лимани, рече дека гласал за Фидани поради неговата програма и акциониот план. Неговиот колега Ивица Николоски рече дека тој гласа против двајцата кандидати, а образложението што го даде одеше во насока на веќе кажаното од дел од другите членови на Советот.
Идентично се изјасни и Данка Ристова, а во однос на изборот Африкм Фидани, честитајќи му, рече дека се надева оти во текот на работата ќе ги демантира забелешките што му беа упатени на денешната седница,.
За Фидани гласаа, како што рекоа, и Џенета Бектовиќ, Весна Дамева, Миљљзим Мустафа, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Аритон Ала и Ханиф Зендели.
Меѓу членовите кои гласаа против двајцата кандидати беше и претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

Кој е судијата Африм Фидани
Според кратката биографија објавена на веб-страницата на Врховниот суд, неговиот нов претседател дипломирал на Правниот факултет на Приштинскиот универзитет во 1989 година, а на кој се запишал четири години претходно.
Од 1990 до 1996 година работел во просветата на правно-административни работи. Од 1996 до 2005 година работел во Државниот инспекторат за труд како републички инспектор за труд од областа на работните односи. Две години, односно од 2005 до 2007 година бил секретар во Општина Врапчиште. Од 2007 до 2011 година бил адвокат со канцеларија во Гостивар.
На 18 јули 2011 година е избран за судија во кривичниот оддел на Апелацискиот суд Скопје.
„Со Одлука на Судскиот совет на Република Македонија бр.08-1584/4 од 23.11.2017 година избран е за судија на Врховниот суд на Република Македонија“,
стои во неговата биографија.
Неговата, условно кажано, противкандидатка Беса Адеми со највисокиот суд во државата раководеше од март 2021 година до март оваа година кога и заврши четиригодишниот мандат.
Во меѓувреме до денешниот избор на Фидани, со Врховниот суд како вршител на должност раководеше судија Џемали Саити.