Ние се залагаме преку КОВАКС-механизмот да се обезбедат вакцини за земјите со ниски приходи, но сега е важно африканските земји да се израмнат со вакцинацијата со останатите, вели директорката на СЗО за Африка
Наместо да складираат вакцини за трета доза, богатите земји да испратат вакцини на земјите од Африка и со тоа ќе помогнат во глобалната борба против пандемијата предизвикана од ковид, побараа од Африканскиот центар за контрола и превенција на болести.
Директорот на оваа институција, Џон Нкенгасонг, на денешната прес-конференција рече дека не му е јасно зошто богатите земји ги игнорираат препораките на Светската здравстена организација (СЗО) да се воздржат од давање трета доза на своите граѓаните се додека повеќето луѓе во светот не ги примат првите две дози.
„Нема доволно наука зад тоа дали ќе биде задолжителна трета доза од вакцината. Не знам зошто се брза да се даде“,
вели тој.
Претходно, препорака до богатите земји да донираат вакцини во Африка побара и регионалната директорка на СЗО, Машидисо Моети.
„Ние се залагаме преку КОВАКС-механизмот да се обезбедат вакцини за земјите со ниски приходи, но сега е важно африканските земји да се израмнат со вакцинација со останатите. Богаттие земји кои имаат поголем број на вакцини и каде висок процент од населението е вакцинирано, потребно е да ги подели вакцините со сиромашните во Африка“,
рече Моети.
Денеска, и директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, ги повика богатите земји со големи залихи на вакцините против коронавирус да се воздржат од давање трета доза до крајот на годината и да ги стават на располагање на сиромашните земји.
Гебрејесус всушност го повтори претходниот апел за „мораториум“ за давање на третата доза од вакцината, што во голема мерка беше игнорирано од побогатите земји.
Тој рече дека не се согласува со ставовите изразени во вторникот од водечката асоцијација на производители на лекови, дека залихите на вакцини се доволно големи за да може да се дава трета доза во побогатите и прва во посиромашните земји, кои се соочуваат со недоволни вакцини.
„Нема да молчам кога компаниите и земјите што ја контролираат глобалната испорака на вакцини мислат дека сиромашните треба да бидат задоволни со она што останува. Бидејќи производителите им дадоа приоритет на богатите земји или потпишаа договори со нив, сиромашните земји се лишени од можноста да го заштитат на нивното население“,
рече Гебрејесус.
Според СЗО, во светот се дадени 5,5 милијарди дози вакцини против коронавирус, од кои 80 проценти се во земји кои не се сиромашни.