По усвојувањето на документот, австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
По усвојувањето на документот, Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство.
„Денеска го усвоивме првиот извештај за земјата на Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме актуелниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“,
се наведува во изјавата на Вајц испратена до медиумите.
Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници. Според правилата, како што објасни претседавачот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер, доколку пет члена се спротивстават на тоа, предлогот нема да биде ставен на гласање.
Михаил Галер од групата на демохристијаните рече дека имаат разбирање со групите Социјалисти и демократи, Обнова и Зелените, ист амандман да биде предложен на пленарната седница на Европскиот парламент каде што конечно треба да биде усвоен извештајот за Македонија. Сесијата на ЕП ќе се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур.
Гласањето за Извештајот во АФЕТ заврши со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.

Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во документот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати поврзани со извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
Во Извештајот на Вајц се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени.
По гласањето, бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложи додавање на „мислење на малцинството“.