Обвинителството на Босна и Херцеговина бара 30-дневен притвор за премиерот на Федерацијата на БиХ, Фадил Новалиќ поради аферата со набавка на респиратори.
Покрај за премиерот, иста мерка се бара и за суспендираниот директор на Федералната управа за цивилна заштита, Фахрудин Солак, и сопственикот на фирмата „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ.
„По сослушувањето на осомничените, обвинителскиот тим на Обвинителството на БиХ испрати предлог до судот да им изрече мерка притвор во траење од 30 дена“, објави Обвинителството на БиХ.
Тие беа уапсени во четвртокот, а по сослушувањето во просториите на Агенцијата за истраги и заштита на БиХ (СИПА), тие беа пренесени во просториите на Обвинителството на БиХ.
Спорните респиратори се набавени од Кина за 5,3 милиони евра, но се неупотребливи на одделенијата за интензивна нега, а истрагата треба да утврди како „Сребрена малина“ можела да увезе респиратори, кога е регистрирана како фирма за преработка и одгледување на овошје и зеленчук.
Фирмата го добила бизнисот со непосредна спогодба, а договорот го потпишал Солак.