Министерот за економија е приведен поради сомневања за незаконска набавка на медицинска опрема, а во меѓувреме поднесоа оставки министерот за внатрешни работи и директорот на полицијата
Словенечкиот министерот за економија Здравко Почивалшек е приведен откако полицијата изврши претрес во неговиот дом барајќи докази за незаконска набавка на медицинска опрема, јавуваат медиуми во Словенија.
Порталот „Нецензурирано“, објави дека министерот во владата на Јанез Јанша е осомничен за корупција, при што е направена штета на државниот буџет.
Поради полициската акција, во која се извршени претреси во 11 објекти, министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и директорот на полицијата Антон Травнер поднесоа оставки.
Хојс смета дека акцијата е незаконска и направена поради политички цели.
Хојс веќе му ја испратил оставката на премиерот Јанша, за кого ова е прво повлекување на министер во неговата влада.

Досегашниот министер ја објави оставката на социјалните мрежи, посочувајќи дека претресот во домот на Почивалшек е незаконски и дека полицијата во некои сегменти е контролирана од, како што ја нарече „удбашко-партиска структура“.
Пред да биде избран за министер за внатрешни работи, во минатото Хојс бил на чело телевизијата Нова 24 , за која опозицијата обвинува дека е финансирани директно со „унгарски пари“ и дека е „партиска телевизија на премиерот Јанша“.
Полицијата денес прави претреси на уште 10 локации поради сомневања за корупција при реализација на тендер за набавка на медицинска опрема.
Според телевизија Словенија, ова е своевидна кулминација на двомесечната истрага по емитувањето на емисијата „Тарча“ на државната телевизија, каде што беа објавени документи и снимени телефонски разговори за наводен системски криминал при осуммилионската набавка на медицинска опрема.
РТВ објави дека криминалистите правеле претрес и во седиштето на компанијата „Генепланет“, преку која се набавувала опремата.
Овој случај беше повод за антивладините протести кои секој петок се одржуваат во Љубљана и другите поголеми градови.
Почувалшек ја „преживеа“ и интерпелацијата во собранието што му ја поднесоа сите опозициски парламентарни партии.