Поради сериозноста на ситуацијата, белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин побара од премиерот Барт де Вевер да свика Совет за национална безбедност
Воздушниот сообраќај на аеродромот „Завентем“ во Брисел беше прекинат синоќа поради забележување на сомнителен дрон, што предизвика пренасочувања и доцнења на летовите. Инцидентот е последен во низата слични инциденти што предизвикаа тревога во Белгија во последните денови, а се случува само еден ден откако армијата доби дозвола да соборува неидентификувани летала во близина на воени објекти, објавува „Киев Индепендент“.

Дронот бил забележан во близина на аеродромот само еден час откако неколку дронови биле видени во близина на воздухопловната база Клајне Брогел, што ги натера властите да преземат итни мерки.
„Од безбедносни причини, целиот воздушен сообраќај е засега прекинат“,
потврди Курт Вервилиген, портпарол на белгиската агенција за контрола на воздушниот сообраќај Скејс.
Ова е првпат во историјата аеродромот во Брисел да биде затворен поради активност на дронови.
Некои летови биле пренасочени кон аеродромот во Лиеж, но тој бил привремено затворен кратко време потоа поради дојава за дрон. Според најновите информации, сообраќајот оттогаш се вратил во нормала на двата аеродрома.
Поради сериозноста на ситуацијата, белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин побара од премиерот Барт де Вевер да свика Совет за национална безбедност.
„Нема да дозволиме нашите аеродроми да бидат нарушени од неконтролирани летови на беспилотни летала. Ова бара координиран, национален одговор“,
рече Квинтин.
Воздухопловната база Клајне Брогел, дом на белгиските борбени авиони „Ф-16“ и за која се верува дека складира американско нуклеарно оружје, е цел на зголемена активност на беспилотни летала во последните денови. Неидентификувани летала беа забележани над аеродромот три последователни ноќи помеѓу 31 октомври и 2 ноември, а уште шест беспилотни летала беа забележани во вторникот вечерта.
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен верува дека инцидентите се дел од шпионска операција, поврзувајќи ги со неодамнешните руски нарушувања на воздушниот простор во Европа.
„Русите се обидуваат да го сторат ова во сите европски земји. Дали сега се Русите? Не можам да кажам, но мотивите се јасни, а методите се исто така многу јасни“,
рече Франкен.
Слични видувања на беспилотни летала оваа есен веќе предизвикаа затворање на аеродромите во Копенхаген, Алборг, Осло и Минхен, и доаѓаат во време на зголемени тензии со Русија. Брисел е седиште на НАТО, што го прави де факто главен град на Алијансата.
