Со лет на „Визер“ в среда се отвора Меѓународниот аеродром „Скопје“. „Визер“ ќе го отвори и аеродромот во Охрид „Свети Апостол Павле“ в четврток со лет со кој ќе допатуваат туристи од Холандија и Полска, соопшти генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.
Протоколите се подготвени и се по сите светски стандарди. Како што напомена Ерсој, патниците мора да дојдат три часа пред летот зашто проверките поради заштитните мерки се малку позабавени. Во авионите нема да има ограничување на местата за седење зашто, како што рече Ерсој, летањето би било неисплатливо. Патниците ќе мора да носат заштитни маски за цело време на летот, а кабините на авионите, потенцира Ерсој, се опремени со специјални хепа-филтри кои уништуваат 99,9 отсто од вирусите и бактериите.
Првите полетувања од Меѓународниот Аеродром Скопје, во среда се за Бремен (6:00), Ларнака (6:15), Стокхолм (6:30) и Келн (6:45). Првите слетувања на аеродромот Скопје задутре се во 08:50 часот од Истанбул (Туркиш ерлајнс) и во 9:20 исто така од Истанбул со „Пегасус“.
За останатите летови податоците се на следните линкови- за полетувања http://skp.airports.com.mk/en-EN/passenger/flights/departure-flights, и за пристигнувања: http://skp.airports.com.mk/en-EN/passenger/flights/arrival-flights
Министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го посетија Скопскиот аеродром и имаше средба со менаџментот на ТАВ, најави дека денеска ќе разговара со грчкиот колега во врска со отворањето на граничниот премин Евзони, а за влез на нашите граѓани во земјите-членки на ЕУ, веќе разговарал со претставници на Советот за здравство на Европската комисија и повторно има закажано состаноци за утре и за четврток.
