Таа апелираше до родителите да се консултираат со здравствени работници за придобивките од вакцинацијата, нагласувајќи дека МРП-вакцината е безбедна, ефикасна и се користи насекаде во светот

Незадоволителен е опфатот со вакцинација против МРП (морбили, заушки и рубеола) во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром, што доведува до висок ризик од повторна појава на епидемија со морбили, вели националната координаторка за имунизација Александра Грозданова.
Таа денеска, на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Скопје, предупреди дека опфатот со МРП вакцината во овие три скопски општини е под 60-70 отсто.
„Ниту еден родител не треба да се соочи со болести како што се пертусис и морбили, кои беа присутни кај нас во последните неколку години поради намалениот опфат со овие две вакцини“,
рече Грозданова.
Таа апелираше до родителите да се консултираат со здравствени работници за придобивките од вакцинацијата, нагласувајќи дека МРП вакцината е безбедна и ефикасна, и се користи насекаде во светот.
Грозданова забележа дека во некои други скопски и општини во внатрешноста, опфатот со МРП-вакцината е над 90 проценти, што укажува на постоење доверба во вакцинацијата. Сепак, таа смета дека влијанието на социјалните мрежи и неточните информации доведуваат дел од родителите во заблуда.
Грозданова истакна дека постои значителен интерес кај родителите за деветвалентната ХПВ-вакцина, која од 2024 година е достапна и за момчиња.
Лесли Милер, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, порача дека вакцините се едно од најголемите достигнувања на човештвото и најефикасно средство за заштита на децата од сериозни болести. Таа нагласи дека за да се заштитат сите деца, вклучително и оние кои не можат да бидат вакцинирани, потребно е да се одржува стапка на имунизација над 90-95 проценти.
Милер посебно ја истакна важноста на МРП вакцината, бидејќи морбилите се меѓу најзаразните вируси и можат да предизвикаат тешки компликации, дури и смрт. Таа изрази загриженост поради нискиот национален опфат со МРП-вакцината од 72,7 отсто во 2024 година, што е намалување во споредба со претходната година.
Исто така, Милер укажа на ниската покриеност со ХПВ-вакцинација кај 14-годишните девојчиња, каде што само половина се целосно вакцинирани. Таа потенцираше дека и момчињата треба да се вакцинираат против ХПВ бидејќи вакцината може да спречи до 90 отсто од случаите на рак на грлото на матката и е безбедна и ефикасна.
„Таа е ефективна. И може да спаси уште повеќе животи не само со заштита на вакцинираните, туку и со создавање колективен имунитет што ги штити и другите“,
рече Милер.