Од грчкиот ракометен клуб додаваат дека неправдата кулминирала со тоа што на дел од навивачите не им било дозволено да ја преминат границата и да влезат во земјата како што било договорено
Едногласно беше донесена тешка, но неопходна одлука – соопшти грчкиот клуб АЕК по вчерашната одлука на раководството ракометниот клуб да не го одигра натпреварот против Алкалоид во Скопје откако дел од нивните навивачи беа пуштени, а дел вратени од македонско-грчката граница.

„АЕК значи чест, гордост, почит, морални вредности. АЕК значи семејство, АЕК значи сојуз! Најголемата поддршка на АЕК низ историјата биле неговите навивачи и непочитувањето на навивачите е непочитување и на АЕК“,
соопштија од грчкиот клуб.
Оттаму велат дека не постои сила што ќе им направи неправда на навивачите како што тоа се обиделе да го сторат локалните власти во Скопје додавајќи дека нема да преговараат за честа на АЕК. Додаваат дека неправдата кулминирала со тоа што на дел од навивачите не им било дозволено да ја преминат границата и да влезат во земјата како што било договорено.
Навивачката група на АЕК, пак, го оцени вчерашниот ден за историски за клубот бидејќи играчите отфрлиле нешто толку важно како што е европски трофеј за да ги поддржат навивачите на АЕК.
Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во Европскиот куп на ЕХФ што требаше да се одигра вчера во салата „Борис Трајковски“ во Скопје не започна откако ракометарите на гостинскиот тим одбија да излезат на терен.