Со ова, почнува да тече 10-дневниот рок за уплата на еднократниот надомест за трите фреквенциски опсези што се доделуваа со тендерот, во вкупен износ од 8 020 003 евра. Откако ќе се изврши уплатата, компанијата ќе добие одобрение и теоретски ќе може веднаш да започне со работа користејќи пристап преку мрежите на постојните оператори, додека не ја изгради сопствената инфраструктура
Агенцијата за електронски комуникации (AEK) одлучи дека „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ (4iG) е најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во земјава. Со ова, почнува да тече 10-дневниот рок за уплата на еднократниот надомест за трите фреквенциски опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz, што се доделуваа со тендерот, во вкупен износ од 8 020 003 евра.

Откако ќе се изврши уплатата, компанијата ќе добие одобрение и теоретски ќе може веднаш да започне со работа користејќи пристап преку мрежите на постојните оператори, додека не ја изгради сопствената инфраструктура.
Според условите, до крајот на март 2027 година новиот оператор мора да покрие еден град со 5Г-сигнал, до крајот на 2028 година со непрекинат 5Г-сигнал треба да ги покрие главните коридори во државата, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година секој граѓанин треба да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина од најмалку 100 мегабајти во секунда.
Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, а на одобрението В1 осум години, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Од АЕК велат дека влезот на третиот мобилен оператор во државата ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше константна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.
