Како аргумент во таа насока, адвокатот посочи на сообраќајката во Велес што се случи кон крајот на 2022 година, каде што беше усмртено 11 годишно девојче, а сторителот побегна од местото. Тој по два дена сам се пријави во полиција, а во судскиот процес тој првостепено беше осуден на 18 години затвор, но Апелација му ја намали казната на осум години
Во конкретниот случај со Васил Јованов, тој изјави оти смета дека Судот не ги ценел во доволна мера, како што кажа, искреното каење и личноста на неговиот клиент
Осудителната пресуда е очекувана, но казната е превисока. Ова е коментарот на адвокатот Сашко Дуковски на пресудата за неговиот клиент, Васил Јованов, кој доби 12 години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова.

Според него, со денешната пресуда се воспоставува преседан во судската пракса во скопското апелациско подрачје, кога станува збор за одмерување на казната за кривичното дело за кое беше обвинет младиот Јованов.
„Бидејќи признавме вина, очекувана беше осудителна пресуда и тоа е така. Но, секако, ваква пресуда во ваква висина не е во согласност со воспоставената судска пракса на територијата на Апелацискиот суд во Скопје… Секако е трагичен настан, но не може од овој настан да се започнува спроведување на нова казнена политика во Република Македонија“,
рече Дуковски во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата.
Образложувајќи го својот став, адвокатот се наврати на пресуди и казни што биле изрекувани изминатите неколку години во слични случаи.
Во тој контекст, Дуковски ја спомена сообраќајката во која на истата раскрсница во 2015 беше прегазена Фросина Цековска, а за која сторителот на крајот со пресуда на Врховниот суд доби затворска казна од четири години. Како аргумент во таа насока посочи и на сообраќајката во Велес што се случи кон крајот на 2022 година, каде беше усмртено 11 годишно девојче, а сторителот побегна од местото. Тој по два дена сам се пријави во полиција, а во судскиот процес тој првостепено беше осуден на 18 години затвор, но Апелација му ја намали казната на осум години.
„Иста ваква сообраќајна несреќа во 2019 година на истото тоа место, на истиот пешачки премин само од другата страна е завршена правосилно со три и пол години (затвор). Сетете се на предметот во Велес, има еден прекршок повеќе од Васил, затоа што сторителот се даде во бегство и два дена беше недостапен. Правосилно заврши со осум години. Само за тоа приговарам“,
кажа Дуковски.
Во конкретниот случај со Васил Јованов, тој изјави оти смета дека Судот не го ценел во доволна мера, како што кажа, искреното каење и личноста на неговиот клиент.
„Казната е превисока“,
рече Дуковски и најави жалба.

Основниот кривичен суд Скопје денеска му ја изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов за прегазувањето на младата Фросина Кулакова во сообраќајката што на крајот на јануари годинава се случи во Скопје.
Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред второстепен суд, односно пред Апелацискиот суд Скопје.
Одлуката, односно пресудата ја соопшти судијката Снежана Марковска.
„Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка“,
рече судијката Марковска изрекувајќи ја пресудата.
Пред изрекувањето на пресудата, таа наведе дека како олеснителни околности Судот ги ценел признанието на вина и чувството на вина на Јованов, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешниот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото. Како отежнителни околности, таа рече дека биле земени интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број норми од Законот за сообраќај. Како особено отежнителна околност судот ја ценел загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат семејството и родителите.
Како што напомена Марковска за кривичното дело за кое беше обвинет Васил Јованов – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е предвидена казна од најмалку четири години, додека според Кривичнот закон највисоката казна што може да биде изречена од суд е 20 години затвор.
Спротивно од адвокатот Дуковски, обвинителот Александара Марковски рече дека пресудата е победа за Обвинителството бидејќи, како што кажа, затворската казна од 12 години е досега највисоката изречена од овој суд за вакво кривично дело.
„Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор којашто во историјата на овој суд за ова кривично дело и кога станува збор за една жртва не била досега изречена“,
рече обвинителот.
Сепак, како што додаде, Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор.
Жестока огорченост и бес од висината на казната искажа семејството на жртвата во случајот – Фросина Кулакова, особено нејзиниот татко Тодор Кулаков.
Кулаков ја напушти судницата речиси веднаш откако судијката Снежана Марковска ја соопшти висината на казната што судечкиот совет со кој претседаваше во предметот му ја одреди на Јованов.
„Судот е мафија“, „Мафија судска“, „Багро судска“ беа обвинувањата што во судот ги искажа Кулаков.
Зборувајќи пред новинарите надвор од судот тој изјави дека дванаесетгодишна казна затвор е награда за, како што кажа, вакво најбрутално можно убиство во сообраќајот.
Тој најави нови протести на кои ќе бараат правда за Фросина, а изрази и сомнеж дека родителите на Васил Јованов однапред ја знаеле висината на казната бидејќи, како што рече, денеска изгледале релаксирано во судницата.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, во објава на социјалните мрежи го изрази незадоволството од пресудата на Кривичен и ја нарече триумф на праксата на неказнивост и плукање врз болката на семејството.
Во објавата, таа во име на семејството повика на нов протест утре во 17 часот пред Универзалната сала во Скопје.
Инаку, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело предизвикување општа опасност, поради тоа што му дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило.