Бојан Манев, адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, кој исто така доби доживотен затвор за двете убиства и за грабнувањето на Вања, коментирајќи ја пресудата, се осврна на тоа што обвинетите се ослободени од обвинение за грабнувањето на Панче Жежовски. „Јас би запрашал: Како го убија, а не го грабнаа?“, рече адвокатот Манев
Според Игор Ефремов, бранителот на Влатко Кешишев, Судот не ги зел предвид олеснителните околности во однос на неговиот клиент, особено фактот дека доколку не бил Кешишев немало да бидат пронајдени телата
Да имаше барем еден разумен сомнеж што наликува на доказ ќе беше добро да имаме вакви пресуди, изјави Јовица Страшевски, бранителот на Љупчо Палевски Палчо, кој денеска беше прогласен за виновен и доби доживотна казна затвор за убиствата на Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.

Страшевски најави дека ќе поднесат жалба на пресудата, а целиот судски процес за двете грозоморни убиства го нарече циркус бидејќи, како што наведе, Обвинителството не понудило ниту еден доказ кој оди во насока дека неговиот клиент ги извршил делата за кои доби максимална казна предвидена во македонскиот казнен систем.
Образложувајќи го својот став, адвокатот наведе и дека судијата Ивица Стефановски при изрекувањето на пресудата само го прочитал она што било наведено во обвинителниот акт.
„Мислам дека она што денеска беше прочитано беше препис од обвинителниот акт, нема ниеден доказ, ниту разумен сомнеж. Сега ќе вложиме жалба, меѓутоа како што почна така и заврши овој циркус. Гледате дека без ниеден доказ самата обвинителка конфузно и во завршен збор целиот акцент го стави на таткото, а денеска таткото според мене заслужено доби ослободителна пресуда бидејќи немаат докази, исто како и за мојот клиент, за другите имаат адвокати не би коментирал“,
рече адвокатот на Палевски.
Според него, судот воопшто не направил оценка за ниту еден од доказите посебно, ниту за сите нив заедно.
„Ќе ја видиме пресудата, сите докази, но мислам дека од она што денеска го слушнавме мое лично мислење е дека не е ценет ниту еден доказ на одбраната иако беа многу и во нашите завршни зборови. Мислам дека оваа пресуда не е издржана, продолжува циркусот без ниту еден доказ да се обвини Љупчо Палевски“,
повтори Страшевски.

Бојан Манев, адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, кој исто така доби доживотен затвор за двете убиства и за грабнувањето на Вања, рече дека ќе се жали на пресудата.
Коментирајќи ја, тој се осврна на два моменти. Тоа што обвинетите се ослободени од обвинение за грабнувањето на Панче Жежовски и времето кога е убиен велешанецот, што според него е погрешно утврдено.
„Во својата објава судот ги ослободи обвинетите од грабнувањето на Панче Жежовски. Па јас би запрашал како го убија, а не го грабнаа? Тоа е првата работа и втората работа – судот во својата објава вели дека човекот е убиен меѓу 10 и 10:30 часот, а цела Македонија виде снимка дека во 12:30 часот човекот е жив на бензинска станица во Велес. Ќе го почекаме образложението на пресудата ќе видиме што сè ќе пишува внатре и секако дека ќе вложиме жалба“,
рече адвокатот Манев.
Како и Страшевски, и тој наведе дека обвинението било конфузно, а денеска било само прочитано од судијата при изрекувањето на пресудата.

Според Игор Ефремов, бранителот на Влатко Кешишев, Судот не ги зел предвид олеснителните околности во однос на неговиот клиент, особено фактот дека доколку не бил Кешишев немало да бидат пронајдени телата. И тој, исто така, најави жалба.
„Сметаме дека судот не му посвети внимание на исказот на Кешишев во делот дека дејствувал под страв и по наредби на обвинетиот Палевски. Поради тоа, по добивањето на образложението на пресудата, таа ќе биде обжалена“,
рече Ефремов.

Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев денеска од страна на Основниот кривичен суд Скопје беа прогласени за виновни за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и на секој поединечно им изрече доживотни затворски казни.
Четворицата добија и по десет години затвор за грабнувањето на Вања Ѓорчевска што влегува во казната доживотен затвор.
Од друга страна, судијата Ивица Стефановски при објавувањето на пресудата, рече дека Судот утврдил дека Обвинителството не успеало да го докаже надвор од разумно сомневање грабнувањето на Панче Жежовски, па за ова ги ослободи четворицата од обвинение. Во оваа смисла, Обвинителството го докажало само грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше обвинет за помагање, Судот го ослободи од обвинение и му ја укина мерката куќен притвор.
По изрекувањето на пресудата, судот го прифати барањето на Обвинителството на Палевски, Манев, Видевски и Кешишов да им биде продолжен притворот до моментот кога ќе почнат со издржување на затворските казни, односно до правосилноста на пресудата.
Бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ во изјава за медиумите по обајвата на денешната пресуда рече дека нема повод за победниччка еуфорија, бидејчи пресудата била празна. Тој ги критикуваше институциите кои ја воделе истрагата дека не успеале да одговорат на три клучни прашања од кои првото е: „Зошто е убиена Вања?“
„Не добивме одговор на прашањето зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ. Што значи дека институциите кои ја раководеле оваа истрага се должни да дадат одговори на овие прашања“,
рече Туфегчиќ.
Тој го повика републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски да преземе мерки и активности за да се продолжи истрагата и да се одговори на овие прашања.
Од друга страна, Обвинителството не се откажува од тезата дека Александар Ѓорчевски бил вмешан во грабнувањето на својата ќерка Вања и ќе поднесе жалба на денешната првостепена пресуда со која тој беше ослободен од обвинението.
Денешната пресуда за еден од најгрозоморните случаи во поновата историјата на државата беше донесена по судскиот процес кој траеше речиси осум месеци.
Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа обвинети дека го испланирале грабнувањето на 14-годишната Вања со цел да бараат откуп, додека Александар Ѓорчевски, таткото на девојчето беше обвинет за помагање во извршување на кривично дело, со тоа што дал информации кога Вања ќе оди сама на училиште.
Грабнувањето на велешанецот Панче Жежовски, според обвинението, било за да го му го земат возилото „ситроен“ кое го користеле за грабнувањето на детето во Скопје.
Пресудата следи откако на последното рочиште од главната расправа во петокот завршни зборови дадоа обвинетите во случајот.
Сите тие на почетокот на судскиот процес се изјаснија дека не се чувстуваат виновни за грабнувањата и убиствата.
Во завршните зборови, одбраната на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека, Основното јавно обвинителство побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања судот да му ја одреди соодветната затворска казна.