Се предлага полното работно време на административците да биде 36 часа неделно, со тоа што од понеделник до четврток тие ќе работат по 8 часа дневно, а во петок само 4
Администрацијата во петоците да работи само четири часа, се предвидува со новиот предлог-закон за административни службеници, кој е под надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација.
Работното време е регулирано во членот 55, кој се состои од два става и гласи:
(1) Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор не е утврдено поинаку.
(2) За неполно работно време на административните службеници ќе се смета работното време кое е пократко од 36 часа неделно, а ќе се остварува согласно закон.
Предлог-законот, кој се состои од 35 страници и има 90 члена, е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) на 17 септември и сè уште е отворен за дебати и коментари. Остануваат уште шест дена за доставување коментари.