Во врска со најавата на Трамп дека размислува да направи исклучок за увозот на нафта од Канада и Мексико, портпролката на Белата куќа, Керолин Левит, рече дека нема информации за таква можна претседателска одлука
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп од денеска воведува царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико и 10 отсто за стоки од Кина, соопшти Белата куќа.
„Почнувајќи од утре (1 февраури), овие тарифи ќе стапат во сила. Тоа се ветувања кои претседателот ги даде и ги исполни“,
изјави во петокот портпаролката на Белата куќа Керолин Левит.
Трамп претходно се закани дека ќе воведе царини кон овие земји за да ги принуди на поголема соработка во спречувањето на илегалната миграција и шверцот на хемикалии што се користат за производство на фентанил (моќен синтетички опијат).
Тој, исто така, вети дека ќе ги користи тарифите за да го поттикне домашното производство и да ги зголеми приходите на федералната влада.
Сепак, како што пренесуваат светските агенции, тарифите претставуваат политички и економски ризик за Трамп, бидејќи може да доведат до зголемување на цените и да го нарушат енергетскиот, автомобилскиот, градежниот и земјоделскиот сектор, пишува Асошиејтед прес.
Трамп претходно изјави дека размислува да направи исклучок за увозот на нафта од Канада и Мексико, но Левит рече дека нема информации за можна претседателска одлука за исклучоци.
Според Управата за енергетски информации, САД во октомври лани увезувале речиси 4,6 милиони барели нафта дневно од Канада и 563 000 барели од Мексико. Во меѓувреме, домашното производство на САД во тој месец во просек изнесувало 13,5 милиони барели дневно.
Трамп претходно изјави дека царината од 10 отсто за увоз од Кина ќе биде додадена на постоечките давачки за кинески производи.
Канада и Мексико предупредија дека се подготвени да возвратат со царински тарифи доколку е потребно, што може да предизвика поширок трговски конфликт и, според економските анализи, да наштети на економскиот раст и да ја забрза инфлацијата.
Канадскиот премиер Џастин Трудо, без да даде детали, во петокот рече дека Канада е подготвена да одговори доколку Трамп воведе царини.
„Имаме подготвен одговор – намерна, силна, но разумна и итна контрамерка. Тоа не е она што го сакаме, но ако тој дејствува, ќе дејствуваме и ние“,
рече тој.
Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, пак, изјави дека нејзината држава одржувала дијалог со тимот на Трамп уште пред тој да се врати во Белата куќа, но нагласи дека земјата има „план а, план б и план ц“ за да одговори на секоја одлука на САД.