На прашање од Би-би-си кои земји се наоѓаат на листата, од Службата за државјанство и имиграција на САД посочиле на прогласот на Белата куќа од јуни годинава, во кој беа наведени Авганистан, Куба, Хаити, Иран, Сомалија и Венецуела
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе изврши проверки на дозволите за постојан престој во Соединетите Американски Држави (т.н. зелена карта) на лица од 19 земји кои емигрирале во САД, објави Би-би-си.

Шефот на Службата за државјанство и имиграција на САД, Џозеф Едлоу, изјавил дека претседателот му наложил да спроведе „целосно, ригорозно преиспитување на секоја зелена карта за секој странец од секоја земја од интерес“.
На прашање од Би-би-си кои земји се наоѓаат на листата, од Агенцијата посочиле на прогласот на Белата куќа од јуни годинава, во кој беа наведени Авганистан, Куба, Хаити, Иран, Сомалија и Венецуела.
Објавата доаѓа откако авганистански државјанин беше осомничен за пукањето во двајца припадници на Националната гарда што се случи вчера во Вашингтон. Во пукањето двајцата војници беа тешко ранети.
Осомничениот, Рахманула Лаканвал, според информациите, во САД дошол во 2021 година во рамките на програма за посебна заштита и имиграција на Авганистанците по повлекувањето на американските трупи од земјата.
Претседателот Доналд Трамп пукањето го оцени како голема закана за националната безбедност на САД. Сепак во објавата на Едлоу за сеопфатна ревизија дозволите за постојан престој на лица од 19 земји експлицитно не се споменува нападот во Вашингтон.
„Заштитата на оваа земја и на американскиот народ останува најважна, а американскиот народ нема да ги сноси последиците од неодговорните емиграциски политики на претходната администрација“,
вели Едлоу, без да наведе детали за повторното испитување на дозволите за престој.
Прогласот од јуни што го објави Службата за државјанство и имиграција на САД беше со цел да се ограничи влезот на странски државјани за САД да се заштитат од „странски терористи и други закани за националната и јавната безбедност“.
Од администрацијата на Трамп тогаш реакоа дека грижата за безбедноста и стапката на пречекорување на деловните, студентските и туристичките визи се меѓу причините за една земја да се најде на листата.
„Талибанците, група специјално означена како глобална терористичка (SDGT) група, го контролираат Авганистан. Авганистан нема компетентен или кооперативен централен орган за издавање пасоши или граѓански документи и нема соодветни мерки за проверка“,
беше наведено во прогласот.
Други земји чии носители на зелена карта ќе бидат подложени на ова испитување се Бурма, Чад, Република Конго и Либија.
Вчерашниот напад врз припадниците на американската војска предизвика енергичен одговор од Трамп, кој ја обвини претходната администрација дека дозволила во земјата без проверки да влезат милиони странци од целиот свет.
„Овој напад ја нагласува најголемата закана за националната безбедност со која се соочува нашата нација .Последната администрација дозволи влез во земјата на 20 милиони непознати и непроверени странци од целиот свет, од места за кои дури и не сакате да знаете. Ниту една земја не може да толерира таков ризик за нашиот опстанок“,
рече американскиот претседател.
Вчера, САД ја суспендираа обработката на сите барања за имиграција поднесени од државјани на Авганистан, а Службата за државјанство и имиграција соопшти дека одлуката е донесена во пресрет на ревизијата на „протоколите за безбедност и проверка“.
