Мапирани се дваесетте локации каде 40.000 административци, заедно со активистите од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, оваа сабота ќе собират непрописно депониран отпад. Почетокот на акцијата е одложен за 12 часот, поради најавите за врнежи. Институциите се задолжени да обезбедат механизација, ЈСП ќе обезбеди превоз за поодалечените локации надвор од Скопје, а обезбедени се и маски и вреќи за учесниците во акцијата, вели министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.
„Се решивме на еден ваков чекор да го одработиме неработниот ден 2. јануари од оваа година и во сабота, наместо класично да работиме, да се вклучиме во една од акциите на граѓанската иницијатива ‘Не биди ѓубре’. За успешно спроведување на акцијата ќе бидат задолжени раководителите на институциите, односно премиерот, министрите, градоначалниците и директорите на институциите кои ќе бидат присутни на овие локации“,
кажа Манчевски на денешната прес-конференција.
Акцијата ќе ги опфати езерото Треска, скопскиот аквадукт, спортскиот центар „Борис Трајковски“, Калето, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден“, улицата „Бихаќка“, Јужен булевар, државното училиште за физичка култура „Методија Митевски – Брицо“, Железничката и автобуската станица, улицата „Џон Кенеди“, просторот околу Собранието и улица „Македонија“, потоа, Младинскиот културен центар и МРТВ, касарната „Гоце Делчев, улица „Ферид Бајрам“, улица „Александар Урдаревски“. Ќе се чисти и кај Европската очна болница, улицата „Индустриска“ во Гази Баба и долж целиот кеј на реката Вардар.
Од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ се задоволни што нивната акција успеала да извади и илјадници административци на терен да чистат. Симболично, и тие ќе обезбедат неколку маски и вреќи, а побараа и активно казнување на терен на загадувачите.
„Македонија е наш заеднички дом и сметам дека ѝ должиме многу повеќе љубов, внимание и грижа. Тоа чистење е со цел на сите да ни биде поубаво, а и на комуналните работници да им биде полесно“,
кажа Ирена Ристиќ, од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“.
„360 степени“ во март годинава присуствуваше и учествуваше во акција за чистење заедно со активистите од „Не биди ѓубре“. Прилогот може да го погледнете во продолжение.