Како комесар за Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), Ахметовиќ ќе подготви консултации и мерки, ќе предложи заклучоци до Социјалдемократскиот клуб на пратеници во Комисијата за надворешна политика и ќе биде одговорен за известување на парламент за ситуацијата во Западен Балкан
Комесар за Западен Балкан во Бундестагот ќе биде младиот социјалдемократски политичар Адис Ахметовиќ. Ахметовиќ ја презеде функцијата од друг социјалдемократски политичар со хрватско потекло, Јосип Јуратовиќ.
Од влегувањето на Адис Ахметовиќ во Бундестагот, овие двајца социјалдемократски претставници тесно соработуваат кога станува збор за теми поврзани со Западен Балкан, објави Дојче Веле.
На почетокот на декември, Ахметовиќ отпатува во Босна и Херцеговина со тогашниот државен комесар за европски прашања во Министерството за надворешни работи, а сега претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот и сопартиец Михаел Рот.

Иако Ахметовиќ рече дека не сака да се фокусира исклучиво на прашањата за надворешната политика и како социјалдемократ сака да се занимава и со теми како што се еднаков пристап до образование за децата од сите сфери на животот, сепак неговиот пратенички пат се движи во надворешнополитичка насока. А земјата од каде се неговите родители одигра важна улога во неговите активности за застапување досега.
„Би сакал да апелирам до Обединетите нации, Европската унија и Германија да направат се што е можно за да се стабилизира Босна и Херцеговина. Ова не го велам затоа што доаѓам од таа земја, но навистина сум загрижен дека проблемите во БиХ би можеле да имаат домино ефект во целиот регион: ако потоне бродот Босна и Херцеговина, ќе почнат да тонат и други бродови во регионот“,
рече Ахметовиќ.
Ахметовиќ, исто така, апелираше до политичарите во регионот да ја сфатат нивната одговорност како демократски избрани сили и да придонесат за конструктивни решенија.
Во изјавата по назначувањето за комесар за Западен Балкан, Ахметовиќ потврди во која насока ќе оди неговиот ангажман.
„Во иднина, за мирот во Европа ќе се одлучува не само на руско-украинската граница, туку во голема мерка и на Западен Балкан, особено во БиХ. Затоа активно ќе работам на стабилноста и мирот во регионот“,
рече тој.
Како комесар за Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), Ахметовиќ ќе подготви консултации и мерки, ќе предложи заклучоци до Социјалдемократскиот клуб на пратеници во Комисијата за надворешна политика и ќе биде одговорен за известување на парламентот за ситуацијата во Западен Балкан.