Според Адеми, најавите за „преиспитување“ на Бадентеровото мнозинство не се политички лапсус, туку дел од „намерно осмислено сценарио“ за поткопување на уставните темели на државата

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, ја обвини владата за „повторен атентат врз Охридскиот мировен договор“, тврдејќи дека нејзините потези се дел од опасна агенда која се заканува да ги укине клучните механизми за мултиетничката стабилност.
Според Адеми, најавите за „преиспитување“ на Бадентеровото мнозинство не се политички лапсус, туку дел од „намерно осмислено сценарио“ за поткопување на уставните темели на државата. Тој истакна дека од првиот ден на овој мандат, оваа влада и нејзините партнери следат опасна агенда.
„Го укинаа ‘балансерот’, со што го нарушија правичното застапување на Албанците и другите заедници, не го почитуваат Законот за јазиците, ги ослабнаа Инспекторатот и Агенцијата и дозволија повеќе од 100 институции да го игнорираат албанскиот јазик, неправедно го намалија бројот на советници во општините, спротивно на Уставот, законот и одлуката на Уставниот суд, ја избришаа албанската дијаспора од политичкото претставување“,
рече Адеми на денешната прес-конференција.
Тој додаде и дека имплементацијата на Охридскиот договор е, како што рече, доверена на личности со отворено антиалбански и антиевропски ставови, како Иван Стоилковиќ.
„На почетокот, не ја почитуваа политичката волја на Албанците. Потоа го забранија користењето на националното знаме. Следен на удар беше албанскиот јазик. Потоа го укинаа ’балансерот’, а сега гледаме како сакаат да го укинат и гласањето со Бадентер“,
истакна Адеми.
Денес, рече Адеми, истиот план напредува кон преиспитување на Бадентеровото мнозинство – уставниот столб кој штити од мајоризација и го обезбедува мултиетничкото функционирање на државата.
„Секој обид за укинување на Бадентер по изборите, како што беше најавено, е обид државата да се врати назад – кон неправдата и исклучувањето“,
додаде тој.
Тој ја критикуваше коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи ја дека го става политичкиот опстанок пред европската иднина и Охридскиот договор. Според него, ВЛЕН „опстојува со празни оправдувања“ и ги покрива „етноцентричните политики“ на владата, со што се прекршува ветувањето дека „нема влада без уставни измени“.
„Денес, повеќе од кога било, сме сведоци на ширење опасни идеи кои тврдат дека мултиетничките држави не функционираат и кои бараат создавање етнички чисти држави. Овие идеи јасно се манифестираат: од една страна преку нападите врз Охридскиот договор и уставните механизми, а од друга страна преку блокирање на европскиот пат и изолирање на државата“,
кажа Адеми.
Тој додаде и дека на 19 октомври Албанците ќе имаат можност да се спротивстават на овие тенденции и да покажат дека еднаквоста не се преговара.