За спорниот учебник по социологија за втора година средно образование, во кој има делови со кои се омаловажува и дискриминира жената, немало никакви забелешки од страна на наставниците. Согласно Законот за учебници од 2018 година, била направена анкета меѓу наставниците за тоа дали имаат забелешки или сугестии за учебниците, но за учебникот по социологија не се добиени никакви сугестии.
Ова денеска го изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми, при што кажа и дека сè уште не е донесена одлуката дали учебникот ќе се коригира или целосно ќе се повлече.

„Се согласувам дека во содржината на тој учебник има пропусти и грешки, но веќе сме во контакт со Бирото за развој на образованието и со Педагошката служба да се следи постапката и да се отстранат тие недостатоци“,
изјави министерот за образование Арбер Адеми.
Дека учебникот е влезен во планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците со цел тој да биде изменет пред почетокот на учебната 2020/2021 година, од образование соопштија пред десет дена. Конечната одлука веројатно ќе зависи од мислењето на Бирото за развој на образованието кое имаше задача да ја провери неговата содржина.

Во спорниот учебник, чии автори се универзитетските професори Нелко Стојаноски, Милева Ѓуроска и Зоран Матевски издаден во 2002 година, во лекциите на тема криминал, меѓудругото, пишува:
„Причините за различното учество на жените во криминалитетот се објаснуваат со општествената положба на жената. Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност особено кај некои видови кривични дела“.
се вели во дел од учебникот.
Во една од лекциите како кривични дела што ги извршуваат жените се прељубата и абортусот, иако во март годинава во земјава е донесен нов Закон за прекин на бременоста, со кој се укинаа претходно воведените административни бариери за жената сама да одлучува за тоа.