Предизвици околу далечинското учење постојат, особено во основното и средното образование, а многу помалку во високото. Но, постојано се бараат начини за нивно надминување, а веќе се анулирани поголем дел од критиките, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми.
„Се воспоставува систем што ќе биде применлив и во иднина секогаш кога ќе се појави потреба од истиот, како што има потреба и во овој момент. Денеска нема училиште што не започнало некаква форма на далечинско учење. Сите се дел од оваа нова форма на едукација. Наставниците се максимално посветени, ангажирани“,
рече Адеми на денешната прес-конференција.
Во овие тешки моменти, рече Адеми, улогите што ги извршуваат наставниците се испреплетени, но тие, сепак, успеваат од дома да одржуваат комуникација со своите ученици на дневна основа и да им помогнат во совладувањето на наставната материја
„Наставниците имаат конкретни насоки како да ги одржуваат наставните содржини и како да ги оценуваат стекнатите знаења. Многу сум им благодарен за напорите што ги вложуваат. Се надевам дека политиката за соодветно вреднување на нивниот труд која ја воспоставивме изминатите две-три години преку зголемување на платите за повеќе од 21 отсто и преку овозможување на можностите за кариерен развој ќе продолжи да се надградува и во периодот што следува“,
рече Адеми.
Тој најави дека во следниве денови ќе се донесе и конечната одлука околу полагањето на државната матура. Потсети дека постојат две опции или да се полага во јуни или годинава да биде укината.
Адеми информираше дека се подготвени и сет мерки за образовниот план, кои ќе се разгледуваат на една од наредните седници на Владата.