„Упатството е усвоено едногласно во истата форма како што беше во нацрт-верзијата“, изјави директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски за „360 степени“
„Во меѓувреме ние се екипиравме со адвокатски тим, ќе поднесеме actio popularis, односно тужба со времена мерка за стопирање на ова Упатство и бараме од Уставниот суд веднаш уште денеска да се произнесе со времена мерка“, изјави денеска на прес-конференција лидерот на Левица
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) утрово едногласно го донела Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025, по завршувањето на консултативниот период во кој може да се поднесуваат мислења и предлози.

Упатството, како што изјави директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски за „360 степени“, е донесено во истата форма како што беше во нацрт-верзијата. Ова значи дека политичката партија Левица и де факто и де јуре, останува исклучена од можноста за платено политичко рекламирање за претстојните локални избори, иако има шест пратеници во Собранието.
Партијата вчера информира дека поднела претставка во врска со Упатството, во кое бараше негово коригирање, со конкретни предлози. Но, ако се земе предвид дека Упатството е усвоено без измени на нацрт-верзијата, тоа само по себе значи дека претставката на Левица била одбиена.
„Упатството е усвоено едногласно во истата форма како што беше во нацрт-верзијата“,
ни изјави Трајчевски.
Нешто подоцна, денеска претпладне, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на прес-конференција соопшти дека поднеле иницијатива со времена мерка за стопирање на Упатството за ААВМУ до Уставниот суд.
Од Левица, како што рече Апасиев, бараат Уставниот суд уште денеска да се произнесе со времена мерка, но не изрази оптимизам дека тоа ќе се случи.
„Оваа прес-конференција ја свикавме по повод скандалозното и досега невидено однесување на органите на власта кон една парламентарна политичка партија, а тоа е политичката партија Левица, кога од сите вонпарламентарни и парламентарни партии за првпат во историјата на независна Македонија само на една политичка партија ѝ е забрането политичко претставување, односно платено рекламирање во приватните медиуми. Скандалот да биде уште поголем, не само што ни се забранети државните пари кои по закон ни следуваат, туку и доколку би имале наши пари, ние ќе не можеме да се рекламираме, затоа што со едноставно пропуштање односно неспоменување во четирите законски предвидени пакети ние сме изоставени комплетно како да не постоиме на политичката сцена“,
рече Апасиев.
Според лидерот на Левица, станува збор за директна последица и пратен абер од премиерот Христијан Мицкоски, кој преку директорот на ААВМУ на овој начин се обидуваат, како што кажа, да ѝ ги скратат крилјата на партијата. Но, како што додаде, ваквиот потег ќе има обратен ефект на бумеранг, бидејќи, според него, народот гледа како не една партија ѝ се прави класична неправда.
„Во меѓувреме ние се екипиравме со адвокатски тим, ќе поднесеме actio popularis, односно тужба со времена мерка за стопирање на ова Упатство и бараме од Уставниот суд веднаш уште денеска да се произнесе со времена мерка“,
рече Апасиев.
Во врска со иницијативата, тој рече дека досега имало три вакви случаи, но Уставниот суд, служејќи се, како што кажа, со финта, актот го става на гласање неколку месеци подоцна и бегло констатира дека актот веќе не е во сила и нема што да оценува. Говорејќи во таа насока, Апасиев повторно најави дека овој случај најверојатно ќе заврши пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
„А тоа што актот произвел дејство и направил штета, тоа не го тангираат. И претчувствувам како професор по право дека овој случај ќе заврши во Стразбур, но тоа би траело две-три години од сега, така што штетата што сега ни е нанесена ние парично ќе ја вратиме по две-три години, но ќе биде удар врз демократијата во Република Македонија. Сакаме да порачаме дека Левица не се откажува ниту правно ниту политички и дека Левица на овие избори ќе го достигне својот историски максимум, така што не можете да спречите пролет дури и да ги искорнете сите кокичиња“,
рече Апасиев.
Одговарајќи на новинарско прашање, каде го гледа законскиот основ Левица да добие платено политичко рекламирање, бидејќи според толкувањето на ААВМУ и на Државната изборна комисија, тие не влегуваат во четирите категории на партии кои се предвидени во Изборниот законик, Апасиев рече дека станува збор за „искривоколчено граматичко толкување на членот 75-ѓ од Изборниот законик“.
Според него, членот во Законикот предвидува двете најголеми политички партии да добијат најмногу простор на платено политичко рекламирање, но тоа, како што додаде, не значи дека треба да добијат сè.
„Tие толкуваат и се држат како ‘слеп за стап’ за зборот ‘двете’, а ние се држиме за зборот ‘најмногу’ и зборот ‘може’. Тоа значи дека може, но не мора да добијат сè… Во овој случај имаме трет субјект, тоа се ЗНАМ во власта и Левица во опозиција, но може да имаме и четврти и петти субјект, не може секогаш да се менува Законот. Законот оперира со термините ‘може’ и ‘најмногу’, а тоа значи дека пропорционално најмногу од тие две минути треба да земат двете најголеми, а остатокот треба да го земеме ние. Но, тие го толкуваат ригидно и граматички. Тоа значи дека преку телеолошко толкување, тело значи цел, целта на Законот е сите да добијат, а не една партија да не добие. Може се најде Соломонско решение, но тие одбиваат тоа да го сторат, со абер дека и на следните избори ова истото ќе ни се случува“,
рече Апасиев.

Предлогот што го даваат од Левица, како што кажа претседателот на партијата, е тие 240 секунди за платено политичко рекламирање да се поделат по принципот 120:80:40.
Како што додаде, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не губат ништо, туку во загуба се вторите партии кои губат 40 секунди кои би ѝ следувале на Левица.
Тој ги повтори најави што изминатите денови ги изнесе на социјалните мрежи дека партијата ќе поднесе кривични пријави против персоналниот состав на Советот на ААВМУ и дека ќе има тужби за отштета лично против сите членови на Советот на ААВМУ со барање за солидарна одговорност.
„Така што процесот ќе трае, но за овие избори ние ќе бидеме оштетени“,
додаде Апасиев.
Прашан зошто досега не барале автентично толкување или измени на Изборниот законик во Собранието, лидерот на Левица рече дека, тоа го сториле поучени од претходното искуство, бидејќи веќе имале поднесено вакво барање за друго прашање, кое и по шест месеци сè уште било во процедура.
Сепак, тој побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да свика итна седница за измена на Изборниот законик за да се коригира оваа системска слабост.
За потсетување, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) завчера го објави (а денеска го усвои) Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, документ кој уредува – колкав дел од државниот колач за политичко рекламирање ќе добијат партиите, преточено во просторот што за таа намена ќе им биде одвоен од радиодифузерите, националниот сервис и Собранискиот канал.
Правната празнина, поради која реагираа од Левица, бидејќи останаа без платено политичко рекламирање за локалните избори е во членот 75-ѓ во Изборниот законик.
Таму, во ставот 1, се регулира дека максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час на радијата и телевизиите, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група (за пратеничка група се потребни пет пратеници) и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во парламентот.

Проблемот е што во актуелниот состав на македонското Собрание има две партии кои ниту се дел од првите две партии од власта или од опозицијата по бројот на пратеници, а истовремено освоиле повеќе од пет пратеници и имаат пратеничка група. Такви се Левица, со шест пратеници, и ЗНАМ, која има пет.
Од движењето За наша Македонија – ЗНАМ вчера рекоа дека средствата за рекламирање на претстојните избори се распределени по Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и насоките на Државната изборна комисија (ДИК), и ја критикуваа Левица за нејзините реакции.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавија дека ќе му отстапат простор за рекламирање на движењето ЗНАМ – За наша Македонија затоа што во Куманово и Центар имаат заеднички кандидати за градоначалници.
Во врска со најавите за кривични пријави и тужби против членовите на Советот на ААВМУ, директорот на оваа институција, Зоран Трајчевски, во изјава за „360 степени“ вели дека тоа е право на полтитичката партија Левица.

„Тоа си е нивно право. Ние работиме според закон, а тие имаат право да бараат заштита преку законски утврдена постапка“,
вели Трајчевски.