Алијансата за Албанците смета дека за организаторите на 27 април кои добија вкупна казна од 25 години затвор, но на кои ќе им биде пресметан и куќниот притвор, ги изедначува осудените за тероризам со учесниците во протестите. Од партијата на Зијадин Села велат дека секое прекршување на законот, а посебно ваквите терористички дела, заслужуваат да бидат казнети со цел да се извлече поука за во иднина.
„Фактот дека дел од казните за организаторите на 27 април ќе биде пресметан како куќен притвор, ги изедначува осудените за тероризам со учесниците во протестите… Кога ќе се потсетиме како избега главниот организатор, Никола Груевски, како Сашо Мијалков го прогласија за невин во еден друг случај, а пак Агим Нухиу како Министер за внатрешни работи не беше ниту под истрага и одговорноста беше оставена само на неговиот заменик, Чавков, потоа законот за амнестија кон двајцата пратеници, Крсте Мукоски и Сашо Василевски што ги отворија вратите на Собранието за да толпата влезе внатре, што беше докажано и на денешното судење, додека Фета Алими го казнија неправедно, потоа како Талат Џафери го спаси Велјановски од одземањето на имунитетот, прегратките на Артан Груби со синот на Мијалков, фактот што Груевски беше информиран од страна на еден функционер на ДУИ и многу други слични дела и одлуки, денешната судска одлука воопшто не нè изненадува. Сепак, оваа вест потврди една вистина околу која веќе никој нема да има дилеми. Денешниот хибриден режим бил и ќе остане тесно поврзан со главните лидери на поранешниот режим, додека овие два режими имаат еден заеднички именител, политичката партија – Демократска Унија за Интеграција“,
се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.
Денеска вкупно 25 години затвор добија четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“. Судијата во Кривичниот суд Скопје, Илија Трпков, објави дека доказите покажуваат дека сите осомничени се и виновни за кривичното дело од член 313 од Кривичниот закон – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Иако делото предвидува затворска казна од најмалку 10 години, судечкиот совет ги зел предвид и отежнувачките и олеснителните околности, па досуди значително пониски казни од минималните кои ги предвидува Кривичниот законик. Во казната на сите осудени ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор:
- Трајко Вељановски – пресудена му е казна затвор од 6 години и 6 месеци;
- Спиро Ристовски – пресудена му е казна затвор од 6 години и 3 месеци;
- Миле Јанакиески – пресудена му е казна затвор од 6 години и 3 месеци;
- Владимир Атанасовски – пресудена му е казна затвор од 6 години.