За среќа, вашата реторика замина во азил и со овој пристап останувате фактор на нестабилност за Северна Македонија. Не го хранете македонскиот граѓанин со поезија, барајте помош за да излезете од калта во која ве потона Левица, се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците испратена до ВМРО-ДПМНЕ

Алијанса за Албанците денеска реагираше на обвинувањата од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дека АА сака да влезе во Владата заради математика.
„Ги повикуваме Николоски и другите како него да се отрезнат и да размислат, бидејќи лидер на македонската опозиција според анкетите на ИРИ е Никола Груевски. Тоа се должи на нереформираната партија во нејзината идеологија и кадровско управување и ова е срам за македонската политичка сцена“,
се вели во реакцијата од Алијанса за Албанците.
Оттаму посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ се исто така виновници за изолацијата на земјата овие 10 години, правејќи ја неиздржлива за живеење и за над 700 000 раселени луѓе.
„За среќа, вашата реторика замина во азил и со овој пристап останувате фактор на нестабилност за Северна Македонија. Не го хранете македонскиот граѓанин со поезија, барајте помош за да излезете од калта во која ве потона Левица“,
нагласуваат од АА.
Денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање за изјавите и постапките на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, истакна дека тезата оти АА влегува во владата за да се обезбеди уставно мнозинство од 80 пратеници е смешна, бидејќи, како што рече, сите се свесни дека такво мнозинство нема.
„Една од најсмешните тези е дека влегувал во владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во владата заради математика. Е сега математиката дали е бурек или нешто друго, треба самиот да одговори и да каже“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ
