Двете општини не поседуваат урбанистички планови и со тоа невозможно е дефинирање на предложените зафати кои се предмет на тендерските документации, алармираат активистите
Иако, двете езера имаат различни екосистемски потреби и проблеми, двата тендери се идентични
На 10 февруари годинава на Електронскиот систем за јавни набавки осамнаа две јавни набавки за градежни работи од две општини, со предмет на набавка чистење на крајбрежјето на две езера. Се работи за Дојранското и Преспанското Езеро, односно општините Дојран и Ресен кои објавија тендери за чистење на крајбрежјата на овие езера. Нивните екосистемски проблеми и потреби, со кои се соочуваат, се разликуваат, но техничката спецификација и останатите критериуми во двата тендери се идентични.
Околу 15 невладини организации кои работат во областа на заштита на животната средина укажуваат дека тендерите се спорни во повеќе точки и бараат нивно поништување. Според нив, прекршени се повеќе закони и тоа Законот за води, Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата, Законот за прогласување на Преспанското Езеро за споменик на природата, Законот за градење и Законот за животна средина.
Меѓу организациите кои аларамираат за несоодветните тендери се и: Архус Центар, Еко Свест, Милиеуконтакт Македонија, Фронт 21/42, ЕкоГаиа, Македонски Зелен Центар, Здружение на инженери за заштита на животната средина, ЦЕЛОР, Гоу Грин, Полимат13, Eко Герила Преспа, Центар за климатски промени, Новинари за човекови права…
Тие велат дека во двата тендери нема постоечка планска или проектна документација поткрепена од научни истражувања и податоци која е основа за да се дефинира опфатот, количините и локацијата каде ќе се извршуваат градежните работи, со што согласно Законот за градење не може да се спроведе соодветен надзор на градежните активности. Додаваат дека, двете општини не поседуваат урбанистички планови и со тоа процедурално е невозможно дефинирање на предложените зафати кои се предмет на тендерските документации (член 10 од Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата).

„Општините Дојран и Ресен спротивно на законите ги објавуваат тендерите, без да добијат соодветни неопходни и пропишани одобренија од државните органи согласно законите, односно надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање преку надлежните сектори за животна средина и за природа се немаат произнесено со мислење за постапките и не постои одобрение за истите. Со оглед дека овие тендери се објавуваат без никакви претходни податоци кои се базираат на експертски истражувања, спротивно на законот и сите позитивни светски практики, наместо на есен овие активности се предвидени за во пролет, што значи директно ќе се влијае на уништување на флората и фауната“,
посочуваат активистите.
Од Општина Дојран пак, велат дека активностите се базираат на План за ревитализација кој тие го изработиле, а се базира на претходни проектни активности и искуства од чистење на седимент/мил од еутрофни езера во регионот, како на пример, езерото Палиќ во Србија.
„Во Студијата за валоризација (2018) веќе се утврдени зоните каде може да се врши активно управување на Дојранското Езеро. До Министерството за животна средина и просторно планирање доставено е известување и побарано е стручно мислење. До добивањето на ова мислење активностите на ревитализација и чистење нема да започнат“,
велат од Општина Дојран.
Во меѓувреме Општина Дојран донесе Одлука за избор на најповолна понуда. Производното трговско друштво ГОЛЕЦ ТРАНС експорт-импорт ДООЕЛ с.Желино е избран за најповолен понудувач, со привична понуда од над 58 милиони денари.
Во двете тендерски документации во описот стои градежни работи, иако од Општина Дојран велат дека не станува збор за градежни активности туку за превенција на еутрофикацијата со усисување на тињата. Понатаму, во условите кои треба да ги исполнат економските оператори кои аплицираат за извршување на овие јавни набавки потребно е да имаат минимум еден градежен инжинер, инжинер архитект, две стручни лица за безбедност при работа, како и два пловни багери – дрегери со должина минимум 17 метри, ширина минимум 4 метри, усисна стрела минимум 17 метри, три багери утоварувачи со сила на мотор од минимум 130kw и три камиони за транспорт на песок со носивост од минимум 16 тони.


„Не се работи за градежни активности, туку за превенција на еутрофикацијата со усисување на тињата. Лимнологијата вели дека фосфорот депониран во седиментите е катализатор за процесот на еутрофикација. Второ, чистењето на тињата ќе се изведува надвор од Зоната на строга заштита на Дојранско Езеро и надвор од Зоните на заштитеното подрачје (зони одредени во Студијата за валоризација на Дојранското Езеро, 2018). Трето, во процесот на чистење на тињата ќе биде активно вклучена Општина Дојран со свој технички надзор за да се обезбеди дека во текот на чистењето нема да се загрозат флората и фауната. Побарано е да се вклучи и претставник на Министерството за животна средина и просторно планирање“,
велат од Општина Дојран.
Чистење на крајбрежје или рефулирање на тиња?
За активистите е спорно и што тендерската документација е за чистење на крајбрежје, а всушност проектната задача е вадење на тиња од езерата, но и дека е предвидено за рефулирањето на тињата да се навлегува до 100 метри во езерата, со појдовна точка од плажите.
Исто така, е спорно што тендерската документација не ги поткрепува изјавите на Општина Дојран дека се работи за зафат за превенција на еутрофикацијата, а не за градежни активности, поради тоа што во тендерите не се бараат стручни лица од полето на животна средина како еколози, хидролози, инженери за животна средина, туку се бараат лица кои немаат допирни точки со активностите, односно се бараат лица од градежниот сектор поточно градежен инженер и архитект.

Ативистите велат дека за планираните активности не се консултирани стручни лица и институции од државата кои работат на заштита и унапредување на животната средина и природата. Понатаму, со планираните активности, алармираат дека ќе се потрошат огромни финансиски средства, а кои нема да делуваат на спречување на еутрофикацијата. Ова е спротивно на изјавите на Општина Дојран, а активистите велат дека ќе дојде до повторно акумулирање на тиња во многу кус период.
„Со изведување на градежни работи без претходно истражување на дното на езерото ќе настанат сериозни оштетувања на бентосот или дното на езерото, кое е живеалиште на голем број на растителни и животински видови“,
велат од Архус Центар.
Општина Дојран пак, тврдат дека за ова се водат според експертската анализа од Извештајот за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското Езеро во 2015 година изготвен од Регионалниот центар за животна средина на Македонија.
На прашањето зошто не е изготвена Оценка на влијание на животната средина за предвидените активности, од Општина Дојран велат дека не е спроведена бидејќи, за чистењето на мил од езера како активност не е предвидена со Уредбата за определување на проектите и критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина.
Владата одвои по околу 80 милиони денари за спас на Дојранско и Преспанско
Владата кон крајот на минатата година и на почетокот на 2021 година, во два наврати одобри по околу 80 милиони денари за ревитализација на Преспанското и Дојранското Езеро. Втората половина беше одобрена на 26 јануари или неполн месец пред да бидат објавените тендерите за чистење на крајбрежјата.
Премиерот Зоран Заев најавуваше дека ревитализацијата ќе се одвива во три фази опфаќајќи, анализи, експертски студии, препораки, но и средби со соседните држави Грција и Албанија.
Дека клучна е соработката со соседите, конкретно со Грција за двете езера и Албанија за Преспанско, нагласуваше и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Општина Дојран вели дека имаат континуирана соработка со Општина Кукуш, која е од другата страна на Дојранското Езеро, и тоа било предвидено со општинскиот План за ревитализација на дел од крајбрежјето на Дојранското Езеро.
„Целиот проектен ангажман има вредност од 145 000 евра, средства обезбедени од INTERREG програма на на Европската Унија за меѓународна соработка одобрена помеѓу Р. Грција и РС Македонија за периодот 2014-2020 година. Ова значи дека истовремено македонската општина Дојран и грчката општина Кукуш кои се територијално сместени крај езерото Дојран во две различни држави годинава ќе инвестираат вкупно 1,3 милиони евра за подобрување на квалитетот на водата и урбано уредување на плажите и крајбрежјето на Дојранското Езеро кое што го делат двете земји“,
велат од општината.
За работите што ги оспоруваат активистите се обративме и до Општина Ресен, но оттаму сè уште не добивме одговори.