Пред четири години, во првиот круг беа избрани 46 од вкупно 81 градоначалник, од кои 38 беа од СДСМ, а три од ВМРО-ДПМНЕ
На полноќ завршува кампањата пред првиот круг од локалните избори, во која главните политички сили во земјава вообичаено најавуваа победа на своите табори и излегоа со прогнози дека изборните резултати од гласањето за градоначалници и за членови на советите на општините и на Градот Скопје ќе се рефлектира и на распоредот на сили во законодавниот дом.
Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, чии челници настапуваат со прогнози дека изборите в недела ќе отворат пат за ново мнозинство и за предвремени парламентарни избори, од СДСМ велат дека следува проширување на мнозинството во законодавниот дом, кое сега брои 62 члена и постојано е опструирано од опозицијата.
Сепак, иако уверува дека СДСМ ќе ја оствари четвртата изборна победа од 2017 година досега, впечаток е дека партискиот лидер Зоран Заев овој пат е поскромен во прогнозите за градоначалничките места што очекува да ги освои, посебно во првиот круг гласање, кога би требало да биде завршен поголемиот дел од работата, со оглед на тоа што изборите за советници ќе завршат в недела.
Иако на 15 октомври 2017 година во првиот круг беа избрани 46 од вкупно 81 градоначалник (вклучително со градот Скопје), Заев деновиве излезе со проценка дека коалицијата на СДСМ ќе освои 22 градоначалнички места во првиот круг, а ВМРО-ДПМНЕ шест односно дека соодносот ќе биде 3,5 наспроти еден.
Пред четири години СДСМ, како партија што само неколку месеци беше на власт, на централно ниво и на изборите за градоначалници настапуваше во коалиција со ДУИ, во првиот круг освои градоначалничкото место во 37 општини и во градот Скопје (вкупно 38 градоначалници), а ВМРО-ДПМНЕ победи во само три општини. Преостанатите пет градоначалнички места ги освоија ДУИ (2) Демократската партија на Турците (1) и независни кандидати (2).
Така, во вториот круг се избираа градоначалници само во 35 општини, а по завршувањето на изборите на 29 октомври исходот беше 57 градоначалнички места за СДСМ, пет за ВМРО-ДПМНЕ, десет за ДУИ. Алијансата за Албанците освои три градоначалнички мандати, Беса, ДПА и ДПТ по едно, а тројца од новоизбраните градоначалници беа независни кандидати.

Во првиот изборен круг, пак, во советите на општините и во градот Скопје граѓаните избраа 545 советници од СДСМ, 429 од ВМРО-ДПМНЕ, 133 од ДУИ, 63 од Беса и 60 од Алијансата на Албанците. Место во советите обезбедија и 71 кандидат од преостанатите 11 партии и од 35 независни кандидати.
Разликата во бројката на гласови на советничките листи во сите 80 општини, пак, беше близу 90 илјади во корист на социјалдемократите, кои освоија околу 421 илјада гласа наспроти речиси 336 илјади за ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ на советничките листи освои близу 90 илјади гласа, Алијансата за Албанците безмалку 50 илјади, Беса над 40 илјади…
Иако во трката за градоначалник на Скопје овој пат, за разлика од 2017 година, има дури 12 кандидати, актуелниот градоначалник Петре Шилегов, како кандидат за нов мандат, најавува дека и овој пат ќе победел во првиот круг, како што беше пред четири години, кога тој имаше седум противкандидати, меѓу кои и тогашниот градоначалник Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
На овие избори право на глас имаат 1 824 864 гласачи, кои треба да изберат градоначалници и членови на советите на 80 општини во државата, додека скопјани ќе гласаат и за градоначалник и за Совет на главниот град.