Светската здравствена организација предупреди дека во последниот период, после олабавувањето на рестрикциите против пандемијата, во повеќе земји се забележува зголемување на бројот на заразени со ковид-19 на неделно ниво.
„Забрзан пренос е регистриран во 11 земји, во кои е предизвикан значителен раст на заразени што доколку се остават без надзор ќе ги „донесат до работ“ здравствените системи“,
изјави директорот на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге.
Би-Би-Си јави дека меѓу државите кај кои е нотирана брза трансмисија на вирусот е и Македонија, како и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Шведска и Украина.
Инаку, советникот на регионалниот директор за Европа на СЗО, Фабио Скано, на денешната прес-конференција со министерот Венко Филипче рече дека она што сега може да се види во Македонија е загрижувачко и дека мора да се извлече поука дека не смее јавноста да се опушти се до проаноѓањето на вакцина.
Тој потенцира дека дејствата што ќе се преземат во деновите, неделите и месеците што претстојат ќе бидат многу важни за спречување на појавата на нови случаи и за спасување на човечки животи.
„Овој вирус нема да си замине и колку побрзо го спуштиме гардот, ќе бидеме помалку претпазливи и толку тој побрзо ќе се врати. Но тоа може да се менаџира“,
рече Скано.
Тој вели дека политика сега треба да биде насочена кон индивидуите, односно на намалување на ризикот на ширење.
