Од „конечно обраќање на натпартиски претседател“ до „продлабочување на поделбите“, се движат коментарите на политичките партии откако денеска во Собранието претседателот Стево Пендаровски го имаше првото годишно обраќање.
„Очекувавме во своето прво обраќање претседателот Стево Пендаровски да проба да гради мостови, но очигледно тој сè уште не е излезен од чевлите на СДСМ и наместо да понуди мостови и помирување тој само успеа да ги продлабочи поделбите“, изјави пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека во говорот на Пендаровски не слушнале ништо во однос на неговите последни изјави за Гоце Делчев и иселувањето на младите.
„За неколкуте идеи што ги соопшти мора да кажам дека нема никакви консултации со пратениците и опозицијата, што само потврдува дека тој не успеал да излезе од партиските чевли на СДСМ“, рече Димовски кој нагласи и дека опозицијата жали за тоа што претседателот ги испревртел интерпретациите на Венециската комисија за Законот за јазици.
За владејачката партијата, пак, денеска во Собранието конечно се слушнало обраќање на натпартиски претседател.
„По десет години обраќања на еден партиски послушник како Ѓорге Иванов кој ги промовираше политиките на режимот и изолацијата, денеска бевме сведоци на обраќање на натпартискиот претседател Стево Пендаровски“, изјави пратеникот Хари Локвенец од СДСМ.
Тој посочи дека може да се согласат за дел од работите спомнати во обраќањето на Пендаровски, кога претседателот вели дека има уште многу работа, особено имајќи го предвид кочењето на процесите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на помирувањето, тој процес го иницираше премиерот Заев, започна овде во Собранието, се формираа и работни групи на оваа тема кои активно придонесуваат и на тој процес треба да му се даде целосна поддршка. За само две и пол години, со речникот на претседателот, за време на најбрзата обнова на институции во повоена Европа, СДСМ успеа да ја врати државата во нормала и да ја донесе на прагот на членство во НАТО-алијансата и отворањето на преговорите со ЕУ. Значењето на договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија за нас како држава и за нејзината иднина се исклучително важни. ЕУ и НАТО не се возможни без договорот од Преспа, со кој државата излезе од децениска изолација и дојде на прагот на НАТО и ЕУ. Договор кој затвори 25-годишен спор и истовремено го зачува и обезбеди нашиот идентитет“, рече Локвенец.
За владиниот коалициски партнер ДУИ, како што изјави пратеникот Реџаил Исмаили, говорот на Пендаровски бил коректен.
Исмаили посочи две работи што претседателот Пендаровски ги истакна – Законот за јазиците и судството.
„Претседателот се повика на извештајот на Венециската комисија и ние како држава треба да градиме капацитети за спроведување на тој закон. Вие како новинари знаете дека е формирана Агенцијата за спроведување на законот, исто така пред еден месец го формиравме со закон и Инспекторатот за спроведување на тој закон, така што треба да дозволиме и да создадеме услови за тие две институции да почнат да се градат со јаки капацитети и да почнат да работа, дури тогаш ќе видиме како се спроведува Законот за јазиците“, рече Исмаили.
За судството, рече тој, не случајно од ДУИ рекле и претходно дека земјава има селективно судство затоа што со децении немало градење добри капацитети за да има добро судство.
„Затоа во државата ни треба да се градат капацитети за да се спроведат законите“, изјави Исмаили.
Од Алијанса за Албанците, пак, по говорот велат дека сѐ уште е рано да се даде оцена за работата на претседателот.
„За поздравување е фактот дека и по препораките на Венециската комисија околу Законот за јазици и самиот претседател истакна дека тој закон не е противуставен и со препорака до институциите дека треба да го почитуваат законот“, изјави пратеникот Сурија Рашиди.
Тој потенцира и делови од говорот што се однесуваат на судството и рече дека со самото тоа што Пендаровски дал препораки до идната влада да се занимава со овој проблем е признавање дека актуелната власт не се занимавала сериозно со реформа во овој сектор.