Управниот суд ја отфрли тужбата на Еуростандард банка во врска со решението на Народната банка донесено од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Во образложението на одлуката се наведува дека за Еуростандард банка е отворена стечајна постапка и согласно Законот за стечај и Законот за трговски друштва е извршена промена на податоците во Централниот регистар и единствено овластено лице е стечајниот управник Душко Тодевски, кој има овластувања да ја застапува банката во правниот промет.
„Од овие причини, Управниот суд ја отфрли тужбата на тужителите поради непостоење активна легитимација, а согласно членот 203 став 2 од Законот за парнична постапка на чија примена упатува членот 14 став 1 од Законот за управните спорови“,
се вели во образложението.
И барањето за донесување на времена мерка за одложување на решението од Народна банка, од Судот го отфрлија како беспредметно.
„Судот при одлучувањето го имаше предвид и посебното барање – предлогот за донесување времена мерка за одлагање на извршување на оспореното решение, но фактот дека Судот со ова решение одлучи за тужбата, барањето за донесување решение за времена мерка е беспредметно. Ова од причина што времената мерка во управниот спор ја следи судбината на тужбата“,
наведуваат од Судот.
Народната банка во август ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните услови за работа. При крајот на август беше отворена стечајна постапка, а од Фондот за осигурување на депозити најавија дека ќе бидат обесштетени депозитите. Дел од оштетените граѓани формираа здружение и за утре најавија протест пред Собранието. Преку оваа банка се вршеше и платниот промет на АД „Пошта“ поради што во тек е постапка за избор на нова банка преку која „Пошта“ ќе го врши платниот промет.
