Несериозно, неодговорно и крајно незрело е да се напаѓа проект што сè уште не е започнат официјално и сè уште се наоѓа во тест-период, реагираа од СДСМ на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека платформата за онлајн-настава е нефункционална и го доведува во прашање почетокот на учебната година.
„ВМРО-ДПМНЕ 11 години системски го уништуваше образованието на секое ниво, а денес како опозиција продолжува со деструктивно однесување кое е спротивно од интересите на учениците, наставниците и образовниот процес. Првпат во државата се воспоставува сложен и масовен онлајн-систем и тоа се прави за исклучително краток рок. До утрово на платформата успешно се вклучија 88 000 корисници, предизвици секако дека ќе има, но она што е важно е посветеноста и ангажираноста на сите вклучени страни во брзо надминување на предизвиците и воспоставување на целосно функционален систем на онлајн-настава“,
се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ е последната која имаат право да зборува за технологии во образованието.
„Никој во државата не знае колку чинеше најголемата инвестиција во образовниот систем и каде завршија компјутерите кои беа за секое дете што вредеа десетици милиони евра, бидејќи кај учениците не завршиле воопшто. Потврда за тоа има и од Државниот завод за ревизија каде во извештаите јасно стои дека компјутерската опрема не била евидентирана, ниту пак бил почитуван законот за предавање на опремата на училиштата. Лажни вести, деструкција и неодговорно однесување, тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го нуди. Затоа е во опозиција и затоа уште долго ќе остане таму“,
велат од СДСМ.
Од Министерството за образование денеска информираа дека продолжува тестирањето на платформата и дека можно е да има проблеми при поврзување со базата.
Министерката Мила Царовска побара трпение од сите засегнати страни. Порача дека процесот нема да биде лесен, но верува дека ќе има успешна школска година.
