Илјадниците амандмани што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги поднесоа на предлозите за измена на Изборниот законик според претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски нема начин да бидат разгледани пред распуштањето на Собранието. Сепак, тој за утре во 14 часот ја закажа седницата на Комисијата со надеж дека двете партии ќе ги повлечат амандманите.
„Јасно е дека со толкав број амандмани ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја блокираат расправата за една избора единица и отворени листи. Ги чекавме амандманите една недела бидејќи собраниски служби ги архивираа и ги преведуваа амандманите на ДУИ од албански јазик. Најголемиот број од амандманите се од техничка природа, станува збор за точки и запирки. Јас мора да ја закажам седницата бидејќи тоа е моја обврска. Може да се случи ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да се премислат“, рече денеска Кирацовски.
Досега за отворените листи и родовата застапеност архивирани се 1.544 амандмани, додека за една изборна единица 2.190 амандмани. На 2.165 амандмани кои се поднесени вчера и денеска службите работат дополнително.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека амандманите не ги поднеле за тие да бидат повлечени туку за да се покаже дека не биле консултирани најголемите чинители во земјата за измените.
„Би замолил Кирацовски да провери дали се комплетни за почеток на комисијата. Амандманите кои се поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за Изборниот законик не се прикачени на е-парламент. Ние не можеме да ги погледнеме амандманите на ДУИ. Не знам која е намерата на Кирацовски повторно да оживува некоја тема. Целта за поднесување на амандманите не е да се повлечат, туку да се каже дека најголемите чинители во земјата не беа консултирани за измените“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Од ДУИ во повеќе наврати кажаа дека процесот на еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во нашата држава и дека правилата на игра за сите политички партии мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии.
Говорите во комисиските расправи не се ограничени, што остава простор за дополнително одолговлекување на процедурите.
Кирацовски вели дека нема деловничко право да ја ограничува дискусијата освен ако таа не се однесува на закон со европско знаменце. Според тоа, членовите на Комисијата можат да дискутираат колку што сакаат за еден амандман.