Бугарскиот историчар се надева дека комисијата формирана од експерти од двете земји наскоро ќе продолжи да работи и ќе ги расчисти несогласувањата, но смета дека грешката е во тоа што секоја информација за нејзината работа беше јавна и во двете земји се користеше за политички цели
Бугарија може да остане осамена во спорот со Северна Македонија, смета Кирил Илиев, историчар од Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките.

Илиев во изјава за ТВ Блумберг Бугарија, коментирајќи ја бугарската позиција кон Скопје и ставот на Германија како актуелен претседавач со ЕУ дека не треба да се поставуваат нови критериуми, вели дека Бугарија нема јасен концепт за целите што сака да ги постигне во односите со Северна Македонија
„Општо, Бугарија нема целисходна политика што строго ќе се следи и нема да се отстапува од неа. Бугарите се прекумерно емоционални за македонското прашање, за Северна Македонија, додека во соседните земји Србија и Грција пристапуваат прагматично, според нивниот интерес“,
рече Илиев.
Тој посочува дека и во Бугарија и во Северна Македонија има партии и личности чиј политички живот се темели целосно на македонското прашање и кои додаваат тензии во вакви ситуации.
„Не постои политичка партија во Северна Македонија што не ја користи историјата како своја идеологија, но на начин што ѝ одговара“,
вели Илиев посочувајќи ја тука опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за која смета дека го користи меморандумот на Бугарија за да додаде бензин во огнот.
Тој смета дека историската дебата меѓу Бугарија и Северна Македонија не може да се избегне, зашто тоа е темелот на проблемот меѓу двете земји, а нерешавањето на историските прашања, според него, ќе остави простор Македонците да продолжат да мислат се најлошо за Бугарија и да ја гледаат во негативно светло.
„Треба да се решат историските проблеми за да не останеме за денешните Македонци ‘монголо-татари, фашисти, окупатори, комунисти’. Ова се најлошите етикети што ни се лепат“,
истакнува Илиев.
Бугарскиот историчар се надева дека комисијата формирана од експерти од двете земји наскоро ќе продолжи да работи и ќе ги расчисти несогласувањата, но смета дека грешката е во тоа што секоја информација за нејзината работа беше јавна и во двете земји се користеше за политички цели.
Илиев смета дека нема проблем во комуникацијата на народите меѓу двете земји до моментот додека не почне да се зборува за историјата, и е убеден дека тоа е пречка за приближување на културно, спортско и економско ниво.
„Не може да се прават компромиси со историјата“, вели Илиев,
осврнувајќи се конкретно на архивите за Гоце Делчев, за кого, како што посочува, македонската страна има 44, а бугарската 440 документи.
Според него, дебатата треба да се базира на историското документарно наследство, а во меѓувреме да се пристапи прагматично со изградба на автопат меѓу Софија и Скопје, железничка пруга и отворање нови гранични премини меѓу двете земји.
Поврзани вести:
Шекеринска за изјавата на Каракачанов: Емоциите не се добар сојузник за решавање билатерални прашања
Каракачанов: Ќе кажеме дека не е време за меѓувладина конференција со Северна Македонија
Бугарскиот историчар Дечев: Бугарија не знае што бара од Македонците
И Бугарија подготвена за разговори за отворените прашања, Османи вели се договара датум
Ѓоргиев за Дојче веле: Меморандумот од Бугарија не придонесува за успешна работа на Комисијата
