Опозицискиот лидер побара да се дознае кој го нарачал и прислушувањето на илјадници граѓани, а рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди и бесплатна правна помош за сите граѓани кои биле цел на реваншизам
Опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој ќе го исече од корен криминалот почнувајќи од првото па се до последното дело. Ова не би требало да биде пречка за Зоран Заев оти истото го бараше пред да дојде на власт, побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ова е едно од четирите барања што денеска ги побара Мицкоски на вечерашниот тематски протест кој го насловија како „ Протест против реваншизмот и политичкото насилство“.

Второто барање е да се престане со политичкиот реваншизам кон вработените во администрацијата, војската и Министерството за внатрешни работи. Тој побара и најитно да се донесе Законот за заштита од дискриминација, за уценетите и дискриминираните да бидат заштитени. Мицкоски како ччетврто барање побара да се отворат сите предмети познати во јавноста за кои не е постапено, а како што рече, се напаѓани, уценувани и имало реваншизам кон граѓани. Тој рече дека таквите случаи ќе бидат предмет на ревизија, но и ќе има одговорност оти по нив не се постапувало.

„Ветуваат правда, а четири години живееме на ‘ќе’. Оние за кои Заев велеше дека се криминалци денеска гледаме се најблиску до него. Тие мислат дека народот е аквариумска рипка и секој момент е ново доживување. Одбиваме да ги потрошиме нашите животи на чекање“,
рече Мицкоски во неговиот говор.
Тој рече дека неправда е кога се тепаат новинари и критичари на власта добиваат крвави глави, но дел од медиумите ги нарече провладини кои преку розовите очила на власта, како што рече, сервирале вести.
„Во првите десет вести на тие медиуми ќе ги сретнете по двапати Заев, по двапати Пендаровски. Но, народот ќе ја победи мафијата и силно ќе огрее сонцето за секој еден во оваа држава. На мафијата ќе ѝ се случи народ, порано или подоцна“,
рече Мицкоски.
Тој побара и да се расчисти случајот со прислушувањето, но и да се откријат сите инволвирани во случајот „Рекет“.
„Не може да има правда во Македонија, ако не се знае кој дал наредба да се прислушуваат илјадници граѓани во земјава. Не може да има правда ако не се знае кој е вклучен во Рекет и да ако не се направи форензичка проверка на телефонот на Бојан Јовановски“,
рече Мицкоски.
Според него јавната обвинителка била главен телохранител на владата, а неправдата се гледа и во тоа што, како што рече, убијците на децата од Смилковско се на слобода, а уставобранителите во затвор.
„Неправда е кога Гордана Јанкуловска сакаа да ја носат во затвор, а Заев се вози во истиот мерцедес и троши дополнителни 8,5 милиони евра за набавка на автомобили. Сите кои се обесправени и се цел на реваншизмот, ВМРО-ДПМНЕ им стои на располагање за бесплатна правна помош“,
рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ вечерашниот петти по ред тематски протест го започна пред Министерството за правда. Првиот протест по формирањето на новата влада опозицијата го започна на 9 септември. Со марш од пред Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), партијата протестираше против поскапувањето на струјата.
Исто така за струјата, ВМРО-ДПМНЕ организираше уште два протести (на 11 и на 17 септември), но на нив со автомобили го блокираа сообраќајот околу просториите на РКЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи, минатата недела (15 септември) одржа протестен марш кој го наслови За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“. И тој протест започна пред Министерството за правда, а заврши пред Министерството за надворешни работи каде толпата стигна движејќи се преку мостот „Гоце Делчев“.
*Поврзана вест: