Овие снимки се портрет на сегашниот типичен изглед на индустриските гиганти од минатиот политички систем. Но, за разлика од многу други, погоните и зградите на ШИК Јелак од Тетово нема уште долго да бидат споменик на некое друго време.

Парцелата од 71 000 квадратни метри од неодамна доби нова намена. Наместо за индустрија, општината Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.

Со новиот Детален урбанистички план, кој општината го истурка веднаш по изборите, предвидени се 27 станбени згради високи до 7 ката и четири големи трговски единици, од кои една огромна. На прва, се чини дека нема ништо лошо во идејата да заживее пропаднат дел од градот. Но, реакциите не се такви.

Првиот проблем е што преку ноќ земјиштето на локацијата стана неколкупати повредно, бидејќи наместо фабрички хали сега е дозволено да се градат околу 2 000 стана и огромни трговски единици. Најголем дел од парцелите на локацијата се во државна сопственост, но има и на приватни фирми и на поединци.
Токму приватниот, а не јавниот интерес, според ВМРО-ДПМНЕ, е причината за носењето на ДУП-от за ШИК Јелак и околината.

„Согласно законот, кога ќе се распишат изборите, запираат сите активности освен оние кои се неопходни. Изборите беа распишани на 15 февруари, на 21 февруари општина Тетово поднесува барање за одобрение до министерството. Министерството одобрува ДУП со 230 илјади метри квадратни само хартијата е 300 страни, само хартијата е 300 страни. За 7 дена, од кои два викенд, и на 28 февруари го дава одобрението. Во услови кога во Македонија на човек му треба месец или два за да го извади. Најголемиот ДУП усвоен во Тетово поминува во министерството. Тоа значи дека воопшто и не е прочитан тој ДУП туку е потпишан по некоја наредба. И второ е во период на распишани избори е конфликт на интереси“,
вели Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Причината за брзањето и фактот што Деталниот план помина во општинскиот совет еден ден по формирањето на новата Влада на СДСМ и ДУИ, според Николоски, е Миодраг Давидовиќ–Дака. Црногорскиот бизнисмен кој беше обвинуван за врски со Белград и Москва при обидот за државен удар во Црна Гора пред четири години, купил дел од ШИК Јелак по ниска цена додека фирмата била загубар, очигледно целно – обвинува Николоски.
„Прашањето е зошто Владата не отишла на наддавање, како би можело да се постигне повисока цена како прва варијанта. Втора варијанта е зошто на пример не ги понудила на ПИОМ, па тој да окрупни таму. И трета работа зошто Владата не инсистирала прво да помине тој ДУП, да се качи вредноста на земјиштето, па после да оди со наддавање или непосредна спогодба, но со многу повисока цена, или да оди со јавно наддавање каде ќе се постигне уште повисока цена би се постигнала и би оствариле намирување на долговите и на работниците и на сите оние кои беа доверители во ШИК Јелак. Сето тоа мириса на многу корупција и на судир на интереси и конфликт на интереси“,
смета Николоски.
Ставот на Владата е дека Миодраг Давидовиќ-Дака купил дел од сопственоста на ШИК Јелак, но за врема на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Деталниот план, вели премиерот Заев, е усвоен за кратко време затоа што претходно бил враќан неколкупати.

„Сопственоста на дотичниот господин во Шик Јелак е остварена 2014 – 2015 година и слично, тука немаме промена на некаков вид на сопственост. Урбанистичкиот план е вратен 3-4 пати како што се и другите со сите забелешки од страна на Министерството за транспорт и врски и на крајот на февруари оваа година е дадена согласноста за урбанистичкиот план. И на крајот на денот, Тетово нека се гради, нека се шири во периферијата, аман, доста е со центарот на градот со узурпацијата на сите места“,
рече премиерот Заев.
Во потрага по вистината, „360 степени“ го обезбеди историјатот на промени на сопственоста на локацијата.
До 1939 година имотот бил вакафско добро на долна чаршиска Тупан Џамија. По војната, имотот се национализира, а во 1963 година дел од парцелата е издвоена за изградба на ШИК Јелак. Низ годините, ШИК Јелак добива право на користење на целата парцела, а по осамостојувањето на Македонија речиси целото земјиште под и околу претпријатието поминува во државна сопственост.
Први кои се обидуваат да го земат земјиштето од државата се од тетовското муфтиство на Исламската верска заедница.

„Тоа е историски факт, да се запише во катастарот, имате можност самите да земете да го земете историјатот на таа парцела и да видите што било тоа првично. До 1948 год кога со аграрната реформа се узурпира, а во 1964 година се национализира“,
објaснува Намик Џафери, секретар на муфтиството при ИВЗ Тетово.
Местото на кое имало и џамија и муслимански гробишта, ИВЗ не успева да го добие назад.
Во 2001 година, ИВЗ преку денационализација бара да и се врати целото земјиште.
Во 2008 добиваат решение од Управниот суд со кое им се враќаат само 1 130 квадратни метри, додека за другите близу 78 000 м2 добиваат обврзници во вредност од 270 000 евра, или компензација од три и пол евра по квадрат.
Образложението на судот е дека државното земјиште кое се бара е исполнетo со објекти од државен интерес.
Во 2009 година ШИК Јелак оди во стечај. Во процесот што следува имотот се дели на доверителите – од осигурителни компании до работници. Во стечајната маса влегуваат објектите и машините, но не и земјиштето кое е на државата.
Дури во 2016 година, во списите на Катастарот се јавуваат првите барања за приватизација на земјиште на локацијата.
Според историјатот за парцелата, тоа се заедницата на доверители Андре Спасеновски, Бранимир Компани, Бекамп и Борислав Алексовски.
Дури во 2019 година, кога на власт е СДСМ, во историјатот на парцелата се впишува и право на сопственост на околу 6 000 квадратни метри на фирмата ЈЕЛАК-ГРАДБА, чиј газда е токму Миодраг Давидовиќ–Дака.
Јавно достапните документи, сепак, не покажуваат од кого Дака го купил земјиште во Тетово пред тоа да стане скапо. Неофицијално, бизнисменот купил дел од имотот на доверителите, па го приватизирал земјиштето под објектите. Проверлив е само фактот дека фирмата со која Дака тргувал во Тетово е формирана во февруари 2016 година, односно во периодот на претходната власт и дека нејзиното сопствеништво завршува во Панама.
Дека влезот на Дака на парцелата на ШИК Јелак има и политичка позадина, покажаа дел од предизборните бомби, во кои Зоран Милески–Кичеец, за надомест од 300 000 евра, е во улога на посредник на црногорскиот бизнисмен за зделки во Штип и во Тетово.
Кичеец: Ти спрема мене немаш ништо. Јас ти кажувам што имаш со Рашковски, не ме интересира. Сакаш да се тргнам скроз?
Давидовиќ: За што зборуваме тогаш. Завршено е нула. И во Тетово и во Штип… И јас дури сега да дознаам од Рашковски дека треба дури сега да вршат процена на ШИК Јелак, после три години?
се слушна во разговор помеѓу Зоран Милески – Кичеец и Миодраг Давидовиќ – Дака.
Во изјава три дена по објавувањето на „бомбата“, Дака призна дека првите пари ги дал во 2016 година, кога на власт е техничката влада на ВМРО-ДПМНЕ. Но, тој негира дека подмитувал и тврди дека му платил на Кичеец за посредништвото.
„Бизнисменот Зоран Милевски го запознав преку угледен белградски бизнисмен, кон крајот на 2016 година. Милевски ми е препорачан како сериозен деловен човек од Македонија, кој е во можност да ми ја пружи потребната поддршка и логистика … Фактот дека наведените парични средства сум ги исплатил на Зоран Милевски во времето на владата на Никола Груевски, а не во Владата на Зоран Заев, исто така потврдува колку написите се невистинити, а над се, со цел и монтирани“,
изјави тогаш Давидовиќ Дака.
Актуелната состојба на парцелите на ШИК Јелак говори дека Дака поседува околу 6 000 квадратни метри на локацијата, или само околу 7,5%. Парцелите кои се во државна сопственост сега гласат на име на Република Северна Македонија, а до неодамна некои од нив беа на име на УЈП или ПИОМ.
Низ Службените весници може да се најдат неколку огласи во кои Владата на Зоран Заев на три седници кон крајот на 2018 и почетокот на 2019 година (25.12.2018, 15.01.2019,7.2.2019 година), дава согласност за продажба на имотот што го поседуваат државните институции со подавка преку нотар. Правнички, тоа значи да се понуди просторот на другите сосопственици, односно на Давидовиќ, кој веќе поседува дел од комбинатот. И покрај трите одлуки за продажба, тие не се реализирани и имотите се уште се во државна сопственост.
Дали и кому биле понудени овие парцели, не може да се провери. Но, развојот на бизнис аспектот на приказната е неважен за другите засегнати во приказната.
За тетовското муфтиство, целиот процес значи изградба на станови и трговски центри врз верски објекти и гробишта.
„За проблемот на вакуфите имам 2 реченици да кажам. Тоа што се случува денеска со гробиштата, немам коментар“,
е ставот на Џафери.
Иако планот е донесен, од негова измена не се откажуваат екологистите. Невладината „Еко Герила“ потсетува дека и со сегашниот број на жители, Тетово има сериозни комунални проблеми.

„Поголемиот дел од градот останува без вода за пиење, нема добар систем на канализација, нема доволно улици, обиколници, булевари, далеку сме од доволно паркинзи, паркиралишта, гаражи, катни и подземни. Градот едноставно не е во состојба да прифати такво зголемување одеднаш. Се калкулираше дека ќе биде зголемен за околу 8 илјади граѓани одеднаш, а Тетово е далеку од потребната инфраструктура за да си дозволи такво нешто“,
вели Џафери од невладината организација „Еко герила“
Според Џафери, реакциите на тетовци за планот се пред се емотивни поради историјатот на парцелата, а не поради урбанистичкото решение и бизнис потенцијалот. Дали во случајот има криминал, треба да каже Јавното обвинителство. Оттаму засега не кажуваат дали отвориле постапка по допрен глас, додека новиот министер за правда, Бојан Маричиќ, ги упати новинарите одговори да бараат токму таму.