Во владината програма е точно прецизирано дека Владата ќе го поттикне и ќе соработува со бизнис-секторот за да се поддржат добрите меѓуетнички односи и меѓусебната доверба. Тоа е особено важно за да зборуваме за промена на свеста кај секој од нас и отфрлање на предрасудите од кој било тип, за секој квалитетен кадар да биде соодветно ангажиран, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со изјавата на неговиот прв заменик, Артан Груби, за поттикнување на вработувања по етничка основа.
Заев уште една потенцира дека субвенции ќе има, но предност ќе имаат квалификуваните работници или граѓаните, за сите, без разлика на етничката припадност.
Како примери што веќе се во фаза на разговори ги посочи потенцијалниот стратешки партнер на Тутунскиот комбинат во Куманово за да се реактивира дејноста на тутунот „отља“, каде што ќе има вработувања врз основа на квалификацијата, проектот на „Еколог“ од 300 милиони евра во Тетовскиот Регион, проектот „СТП дигитален центар“ во Карпош за вработување млади, пред сѐ во информатичките технологии, Центарот во Неготино…
„Субвенции ќе има за сите етнички заедници, за сите иницијативи, ќе продолжи регионалниот пристап, ќе гледаме низ регионите и низ потребата од квалификувана работна сила, но и на мотивацијата на граѓаните да се квалификуваат за потребите на пазарот на трудот“,
рече Заев.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, во гостување на ТВ 21 пред два дена, најави субвенционирање на вработувањата во приватниот сектор на припадници на другите етнички заедници во земјава, но рече дека не е познато како тоа ќе се реализира.

Вчера тој ја дообјасни идејата, со тоа што засега рече дека нема одлука за конкретни мерки, но ќе се разгледува која е најдобрата опција.
Ова било идеја на ДУИ која ја претставувала во текот на кампањата, а во владината програма што ја усвои Собранието пишува дека Владата ќе ги повика и охрабри бизнис-секторот, домашните и странските компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранцијата, застапеноста и меѓусебната доверба и во нивните работни средини за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјавата на Груби промовира политика на апартхејд.