Таа обезбедува учење на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки
Во тек се обуките на наставниот кадар, по што платформата ќе биде тестирана на ниво на пилот-училишта
Националната платформа за онлајн-учење е инклузивна, практична и едноставна за користење, Вака премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска накусо ја опишаа платформата на која ќе се одвива онлајн-наставата од 1 октомври.

Таа обезбедува учење на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бошњачки и ќе ја користат 250 000 уленици и 25 000 наставници во јавните основни и средни училишта.

„Целта е да се одржи образовниот процес во услови на пандемија и отворање нови можности, да се работи на нови методи и пристапи како подготовка за иднината“,
рече министерката Царовска.
Воведувањето на платформата како новина треба на оригинален и креативен начин да обезбеди комуникација меѓу наставниците и учениците. Преку лесната достапност до содржините се доближува образованието до каналите кои учениците често ги користат и е добра замена за традиционалното учење.

Симулацијата, која беше претставена на денешната прес-конференција, покажа дека на платформата ќе може да се гледаат и да се користат сите аудио и видеоматеријали, како и брзи квизови и тестови.

Царовска најави дека и самите ученици ќе може да ја дополнуваат и да ја надградуваат платформата, со што, заедно со наставниците, ќе им се овозможи директно да учествуваат во унапредување на образованието.
Платформата е изработена во соработка на МОН со ФИНКИ и со помош на МАСИТ.

Во тек се обуките на наставниот кадар, кои се спроведуваат на три наставни јазици (македонски, албански и турски) и на три нивоа – прво се спровела обука на 30 обучувачи, кои потоа обучувале 1 600 наставници за училишни обучувачи, односно кои ќе работат со сите останати обучувачи.
На крај таа ќе се тестира на ниво на пилот-училишта.